Тренерот на Челси, Енцо Мареска, верува дека неговиот тим денес требало да го победи мечот против Кристал Палас, но истакна и дека играта ќе мора да се подобри во наредните натпревари.
“Сините” денес имаа дури 71% посед на топката за нивниот премиерен натпревар сезонава, но и покрај шансите тие не успеаја да постигнат ниту еден погодок на домашен терен.
Марк Кукуреља имаше шанса да постигне гол со глава уште на самиот старт, а и во вториот дел, а и Естевао и Сантос не успеаја да погодат по шутевите внатре во шеснаесеттникот.

“Ние секогаш се трудиме да победиме. За жал, денес не победивме, но заслуживме”, истакна Мареска после натпреварот.
“Создадовме доволно шанси во првото полувреме, но и во второто. Но, на страна од слободниот удар, не создадовме други поконкретни шанси. Сепак, во исто време знаеме и дека Кристал Палас се силни и добро организирани, а затоа и успеаја да победат во последните две финалиња против Ливерпул и Манчестер Сити”, додаде тој.



