Мохамед Салах продолжува да ги руши рекордите. Египќанецот беше прогласен за ПФА Играч на годината за сезоната 2024/25, награда која ја доделуваат самите фудбалери во Англија.
Вечерва на свеченоста во Манчестер, ѕвездата на Ливерпул стана првиот играч во историјата што ја освојува оваа престижна награда трипати, по триумфите во сезоните 2017/18 и 2021/22.
Салах триумфираше во изборот на своите колеги, оставајќи зад себе силна конкуренција во која беше и неговиот соиграч Алексис Мак Алистер. За Ливерпул ова е 10-ти пат некој нивни фудбалер да ја понесе ПФА наградата.

Ова признание доаѓа во сезона во која Салах веќе ги освои и наградите за Фудбалер на годината на ФВА (Асоцијацијата на спортски новинари) и Играч на сезоната во Премиер лигата. Причината е јасна, фантастичната статистика на 33-годишниот напаѓач со 34 голови и 23 асистенции на 52 натпревари во сите конкуренции. Покрај тоа, тој има 47 директни учества во голови само во Премиер лигата, со што го израмни апсолутниот рекорд на натпреварувањето, како и уште една “Златна копачка” и награда за најдобар асистент.
Со оваа награда, Салах се приклучи на легендите на Ливерпул кои низ историјата биле прогласувани за најдобри: Тери МекДермот, Сер Кени Далглиш, Иан Раш, Џон Барнс, Стивен Џерард, Луис Суарез и Вирџил ван Дајк.
Сега, сите тие имаат нов лидер во историјата, човекот што ја пишува ерата на “црвените” и кој со право го носи епитетот легенда на Премиер лигата.
History-maker. 🏆🏆🏆
The first player in history to win the PFA Players' Player of the Year three times.
Take a bow, @MoSalah. 🇪🇬👑 pic.twitter.com/WDajMzOMzd
— PFA (@PFA) August 19, 2025



