На само 20 години, младиот шпански возач Фермин Алдегер веќе се етаблира како сериозна сила во МотоГП. Како дебитант во тимот на Гресини-Дукати, тој не само што ги исполни, туку и ги надмина очекувањата, станувајќи редовен кандидат за подиум. Иако има договор со Гресини, тој е под директна контрола на фабриката Дукати, што го прави еден од најголемите таленти со потенцијал за премин во официјалниот “црвен” тим.
Во ексклузивно интервју за “АС”, Алдегер отворено зборува за своите амбиции и предизвиците во елитната класа.
Од дебитантска нервоза до подиуми
Алдегер признава дека првите трки му биле тешки. “Уживав на првиот тест, но потоа се соочивме со патеки каде што нашиот мотор не беше оптимален. Бев фрустриран, но брзо го надминавме тоа”, објаснува тој.
Пресвртот дошол на трката во Остин, САД. “Во Остин почувствував дека имам вистинска шанса. Иако не бев на подиумот, сфатив дека сум способен да се натпреварувам на највисоко ниво”.
Сонот за фабрички мотор и “пеколот” со Маркез
Алдегер верува дека неговите одлични резултати ќе му овозможат да добие фабрички мотоцикл во 2026 година. Сепак, тој се шегува со идејата да му биде тимски колега на Марк Маркез.
“О, не! Тој прво треба да се пензионира! (се смее). Барем, се надевам!”, изјавува младиот Шпанец. “Мислам дека е вистински пекол да се дели гаража со него, особено во црвениот тим. Тоа создава огромен притисок.”
Интересно е што по трката во Австрија, и самиот Маркез призна дека Фермин Алдегер во моментот е негова најголема закана, истакнувајќи дека тој има единствена способност подобро да ги чува гумите од другите.
Ривалството со Педро Акоста
На прашањето за неговиот однос со сонародникот и ривал Педро Акоста, Алдегер вели дека е “само нормален”.
“Никогаш немало проблем меѓу нас. Тоа е само ривалство. Му честитав за подиумите”, објаснува тој, а потоа со насмевка заклучува: “Како талент, јас сум подобар. Како работник, тој е подобар”.
Гостинска статија на Марија Петровска