Младата репрезентација на Македонија до 16 години го одигра вториот контролен меч против репрезентацијата на Црна Гора, а откако во првиот меч победија со 3:0, втората победа денес во Охрид беше уште поубедлива.
Македонските млади надежи успеаја да дојдат до победа од 5:0, а дури четири погодоци беа дело на Медин Емини.

Првиот погодок го постигна уште во 22-та минута, по асистенција од Адеми, а на пет минути пред крајот на полувремето постигна уште еден погодок, со што на паузата нашите момци заминаа со предност од 2:0.
И во второто полувреме младиот Емини излезе со исто голгетерско расположение. Во 50-та минута го постигна погодокот за хет-трик, а во 61-та минута пристигна и четвртиот негов погодок на мечот. За крајниот резултат својот придонес го даде и Стефан Ристиќ, кој стрелаше во 77-та минута, за конечни 5:0.
На “Билјанини извори” во Охрид, младите фудбалери навистина покажаа дека имаат талент, пасија и желба за победи.





