6.8 C
Skopje

Сонот за едно Светско и реалноста на едно Европско првенство

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

После четири години од првиот и последен настап на македонската репрезентација на едно големо натпреварување, во пресрет на квалификациските мечеви за Светското првенство, решивме да ја раскажеме приказната за како ја живеевме реалноста на едно Европско првенство, каде Македонија учествуваше за прв пат во историјата.

Во екот и хаосот на КОВИД панедемијата, несигурноста и стравот, се случи нешто што сите дотогаш само го сонуваа – Македонија се пласираше на Европското првенство. Еуфорија на улиците, славење и почнување со планови како да се отиде да се бодри нашата репрезентација во услови кога патувањата беа ограничени и забранети.

За наша среќа, Романија, домаќинот на два од трите мечеви на нашата група, непосредно пред Европското првенство ги олабави КОВИД мерките, па можевме да почнеме да го планираме нашето патување. Најголемата сага пред тргнувањето беше да се добијат фамозните кодови од Билјана од ФФМ, која враќаше на мејловите поретко од што некој добива на лотарија. Но, сепак нашата решителност и желба беше поголема, па успеавме да стигнеме до кодовите за набавка на билетите (Фала најпрво  на нашиот другар Александар, а потоа и на Лео).

Copyright: Sportstation.mk

Во тој момент бевме решени дека ништо нема да нè спречи во идејата, па се организиравме група на луѓе (истите кои подоцна отпатувавме и во Палермо: Поздрав до нашиот другар Зочко, верниот придружник на сите наши историски патувања на натпреварите, а потоа и на Саше, Сашка, нивниот Ведран, Игор и сите останати) – кој со билети, кој решен во Букурешт да се снаоѓа, кој со вакцини или без… но, сите со огромна страст за да ја бодриме нашата репрезентација на тој историски настап.

Она што го доживеавме таму уште од самото пристигнување беше сосема друга реалност од она што во тој момент се живееше во Македонија. Луѓе по улиците, гужви, навивачи, расположени и насмеани лица насекаде.

Домаќините беа одлични. Романците на кои токму ние им ја скративме шансата да присуствуваат на првенството на кое беа ко-домаќини, беа повеќе од среќни да нè пречекаат во нивниот главен град. Покрај фудбалот во чиј дух пулсираше Букурешт тие денови, градот зрачеше со енергија која дури и малку нè изненади. Млади луѓе кои на полноќ чекаат во редица да влезат во најголемата библиотека, полни барови и историја проткаена во секоја уличка. Од времето на диктатурата на Чаушеску, до денес – градот се имаше трансформирано во вистинска европска престолнина на културата, а историјата таму се провлекува суптилно во модерното време.

Copyright: Sportstation.mk

Откако ги искусивме првите впечатоци доцна во ноќта, веднаш по нашето пристигнување, отидовме да се одмориме за големиот настан кој нè очекуваше утредента – првиот натпревар на Европско првенство во историјата на македонскиот фудбал.

Возбудени уште рано наутро се облековме во дресовите, ги зедовме знамињата и се упативме кон собиралиштето на македонските навивачи во центарот на градот. Песните не престанаа во ниту еден момент да се пеат, навивачите се поздравуваа и се гушкаа (нешто што во тоа време на КОВИД беше незамисливо). Се упативме кон стадионот пеејќи навивачки песни, а локалците нè поздравуваа каде и да нè видеа.

Интересно беше тоа што додека ние уште од раните утрински часови пеевме по улиците, навивачите на Австрија, нашиот ривал вечерта, смирено ручаа шницли во рестораните, пиејќи по некоја чаша висококвалитетно вино. Па така, ние бевме гледани од страна на организаторите како “подивата” навивачка група, па во кордони бевме отпратени до стадионот.

Copyright: Sportstation.mk

Националната арена во Букурешт е вистински модерен стадион, кој уште од прв поглед импресионираше со својата појава. Бидејќи поради КОВИД мерките пристигнавме многу порано од натпреварот на стадионот, решивме да прошетаме околу и да го разгледаме од сите страни.

Но, она што не очекувавме беше да налетаме на ВИП делот од стадионот, каде официјалните претставници од медиумите и спонзорите пристигнуваа во тој момент. Понесени од атмосферата која владееше во нашето друштво уште од раните утрински часови, решивме да се запознаеме со некои од нив, а на наша среќа таму го запознавме и Романецот Чипријан, кој беше претставник на еден од генералните спонзори.

Иако на стадионот не се продаваше алкохол, сепак ситуацијата беше поразлична во ВИП секторот, каде спонзорот на првенството Хајнекен делеше пива на сите ВИП гости. Нашиот нов другар Чипријан реши да нè претстави како дел од неговата група, па поминавме голем дел од времето пред натпреварот во разговор со него и неговите пријатели.

Copyright: Sportstation.mk

Сепак, иако понудата да се следи натпреварот од модерната ВИП ложа на новиот стадион, опкружени со изобилие на пијалоци и врвно спремена храна на масите, звучеше примамливо, нашето место беше и секогаш ќе биде онаму кадешто припаѓаме – на трибините помеѓу навивачите.

Со трчање се упативме назад кон трибината каде беа македонските навивачи, токму навреме за да ја слушнеме за прв пат македонската химна на едно големо натпреварување – момент кој засекогаш ќе остане врежан во нашите спомени. Ежење, солзи, насмевки… остварување на еден детски сон за многумина на трибината.

И тогаш започна она за кое бевме дојдени, првиот натпревар на Македонија против Австрија. Тука доаѓа објаснувањето зошто претходно ги споменавме австриските навивачи. Додека поголемиот дел од македонските навивачи веќе го имаа изгубено својот глас, Австриците грмнаа на стадионот. Но, не за долго, бидејќи и со последните сили македонските навивачи кои вистински сакаа да бидат таму (не, оние кои беа дојдени само за да се пофалат на социјалните мрежи), не дозволија да опадне атмосферата во ниту еден момент од натпреварот.

Нашите момци играа на едно Европско и тоа борбено, подготвено и моќно. Избраниците на тогашниот селектор Игор Ангеловски – Мрме, се бореа со фаворизираната Австрија. А, тогаш… 28-ма минута… конфузија пред голот на Австриците и првиот погодок на нашиот тогашен капитен Горан Пандев. Ако може со зборови да се опише чувството, тогаш најблиску би било да се каже дека тоа беше еден момент на дилириум на трибините. Експлозија на емоции, солзи, радост… Македонија и израмни на 1:1 на Австрија, а нашите надежи за првата победа рапидно се зголемија.

Copyright: Sportstation.mk

Сепак, Македонија не издржа до самиот крај, па во последните десет минути примивме уште два погодоци за конечен резултат од 3:1. Можеби најголемото разочарување во тој момент беше што почувствувавме дека можеме повеќе. Дека можеби заслуживме победа тој ден, но сепак резултатот воопшто не го расипа расположението кај навивачката група која беше пристигната во голем број.

Помеѓу двата меча имавме три дена за одмор, па ги искористивме за вистински да го видиме градот домаќин. Букурешт има неверојатна историја, но и модерни капацитети кои нè оставија без зборови, а топла препорака за сите кои планираат да го посетат главниот град на Романија, е да излезат малку од него и да ги посетат неверојатните “Therme Bucuresti” бањи. Издание какво ретко се гледа, кое нам ни дојде како порачано за да одмориме од напорниот пат и напорното искуство на првиот натпревар.

Низ самиот град има безброј средени паркови, интересни традиционални ресторани и историски градби кои сведочат за едно друго време. Бевме да ја посетиме палатата на Чаушеску, најстариот ресторан во Букурешт сместен во градба која некогаш била црква, како и да одмориме во парковите. Токму на една од нашите прошетки, случајно се најдовме во трговски центар каде имаше спортска продавница, па за спомен решивме да ја купиме официјалната Адидас топка на првенството.

Copyright: Sportstation.mk

Но, одеднаш се роди идејата да ги посетиме нашите фудбалери, па купивме маркери во црвена боја и се упативме кон хотелот Мериот каде престојуваа репрезентативците. Нашиот пријател Алек, кој во тоа време беше дел од тимот на репрезентацијата ни кажа дека поради КОВИД пандемијата мерките се многу строги, но ќе сторат сè за да ни овозможат да добиеме по некој автограм од дел од фудбалерите.

И додека ние се договаравме, нашите репрезентативци почнаа да пристигнуваат од вечерниот тренинг, па сосема случајно во холот на хотелот се сретнавме со дел од нив и некако спонтано им ја дадовме топката која почнаа да ја потпишуваат еден по еден, со што почна да се раѓа нешто што прерасна во уникатен спомен од целото патување. Бидејќи дел од тимот веќе беше упатен кон ресторанот на вечера, каде имаше строг карантин, селекторот Мрме ни вети дека ќе ја даде топката на сите играчи и потоа ќе ни ја симнат долу во барот, каде решивме да почекаме.

Додека чекавме во барот, се запознавме и сликавме со дел од нашите фудбалери, а најголем впечаток ни остави искрената реакција на Тихо Костадинов, кој ни честиташе за навивањето и изјави дека сите фудбалери со солзи во очите, трогнати од целата сцена, слушале како ја пееме на цел глас химната од трибините. Тој тогаш ни кажа дека тоа засекогаш ќе го памети, а ние денес му потврдуваме дека и неговиот искрен коментар е нешто што ни значеше многу и е нешто на кое и ние засекогаш ќе се сеќаваме.

Мора да признаеме дека она што следуваше никој од нас не го очекуваше вистински. Еден од членовите на македонската делегација ни ја симна топката, а истата беше потпишана буквално од сите наши фудбалери и селекторот Ангеловски. Им благодариме од срце што ни подарија спомен кој засекогаш ќе ни остане драг.

Copyright: Sportstation.mk

Дојде време и за вториот натпревар. За среќа, тој почнуваше некој час порано, а ние помудри од првото искуство против Австриците, решивме да се приклучиме подоцна на прославата и да го зачуваме гласот за мечот. Украинците ни беа многу “порамномерни” противници по улиците на Букурешт, а сепак меѓу навивачите на двете земји владееше пријателска и релаксирана атмосфера, па по завршувањето на мечот ги разменивме нашите дресови со нивните.

На теренот, повторно гол за Македонија, овој пат преку Алиоски и повторно надеж за победа. Мечот го изгубивме со 2:1, но срцата ни беа исполнети од едно незаборавно искуство – можноста да бидеме дел од историјата на македонскиот фудбал.

На последниот меч во Холандија не бевме во можност да отпатуваме, а иако Македонија ги изгуби трите натпревари во групната фаза, сепак излезе како победник за сите нас. Ни покажа дека можеме, дека припаѓаме на големата сцена, дека треба и мора да се надеваме… А, токму сега, се надеваме на остварување на уште еден детски сон – Македонија за прв пат на Мундијалите. Онаму кадешто припаѓаме.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено