Во ера во која фудбалот често се критикува за тактичка едноличност, се појави интересна дебата околу тоа како најдобро да се брани центриран слободен удар.
Долго време во Премиер лигата доминираше пристапот со висока дефанзивна линија – оддалечување на противниците од шеснаесетникот и оставање простор пред голманот. Но, последниве години, особено во Италија, се разви поинаков пристап: одбраната стои длабоко, во една или две линии, па потоа излегува напред и ја напаѓа топката.
Изненадувачки, новиот менаџер на Ливерпул, Арне Слот, го усвои токму овој “италијански” стил. Наместо висок пресинг при прекини, “црвените” се поставуваат во една многу длабока линија, блиску до сопствениот гол.
Ова беше особено очигледно во нивната драматична победа од 3:2 против Њукасл. Натпревар со само 40.8% време на топка во игра, најниско во Премиер лигата во последни 15 години, во кој прекините и дуелите во воздухот го диктираа ритамот.
Како изгледаше тоа на теренот?
При првиот слободен удар, Ливерпул стоеше 20 метри подлабоко од вообичаено. Трипиер немаше избор освен да оди на кратко решение, но Вирџил ван Дајк ја расчисти топката.


Во следните обиди, Њукасл се обидуваше со центрирања, комбинации и дури со позиционирање на Ентони Гордон во офсајд зоната зад одбраната. Сепак, секогаш исходот беше ист – одбраната на Ливерпул беше стабилна, а Алисон мирен.



Дури кога “црвените” накратко се вратија на класичниот англиски стил со висока линија, Њукасл успеа да израмни преку Вилијам Осулa за 2:2. “Тоа беше погрешна одлука во моментот”, призна Слот по натпреварот.



Зошто ова функционира?
Со длабока линија, Ливерпул добива две клучни предности:
Прво, одбраната може да излегува и да ја напаѓа топката во воздух.
Второ, изведувачите на слободни удари се збунети. Навикнати да центрираат “зад грб” на високата линија, сега мораат да бараат нови решенија.
Секако, ризикот постои: ако се загуби првиот дуел, настанува хаос во “втората топка”. Но, колку повеќе се гледаат вакви ситуации, толку повеќе изгледа дека методот е ефикасен, особено кога имате играчи како Ван Дајк и Конате за воздушни дуели.
Што следува?
Се вели дека вистинскиот тест за овој стил ќе биде дербито против Арсенал. “Топџиите” се модерни мајстори за прекини и сигурно ќе подготват специјална рутина за гостувањето на Енфилд, па останува да видиме дали играта на Ливерпул ќе се покаже како ефикасна и во овој дуел.



