14.8 C
Skopje

Црна Гора немоќна против силната Германија

Објавено:

Црна Гора одигра храбро и рамноправно во првото полувреме против актуелниот светски првак, но во вториот дел Германците ја покажаа својата сила и на крај славеа убедливо со 106:76 во првото коло од групата Б.

Првите 20 минути беа целосно израмнети, со минимална предност за Германија (46:43), а Црногорците одлично одговараа преку Никола Вучевиќ, кој повторно покажа дека е лидерот на овој тим. Сепак, третиот квартал беше клучен, Андреас Обст погоди четири тешки тројки, а заедно со Денис Шредер и Франц Вагнер ја кренаа играта на Германија на ниво кое Црна Гора не можеше да го следи.

Шредер заврши со 21 поен и 4 асистенции за само 21 минута на паркетот, Вагнер придодаде 22 поени и 8 скокови, а Обст реализираше 18 поени со неверојатни 5/6 од линијата за три поени. Германија во вториот дел уфрли дури 60 поени и ја потврди фаворитската улога.

На спротивната страна, Вучевиќ одигра извонреден натпревар со 23 поени, 10 скокови и 5 асистенции, но немаше доволна поддршка од соиграчите во второто полувреме.
Тренерот Бошко Радовиќ по мечот искрено призна: “Првото полувреме беше добро, бевме во игра, играчите се бореа. Но, вториот дел, поголемиот дел од моите играчи како да останаа во соблекувалната. Престанавме да играме и во одбрана и во напад”.

Црна Гора сега се свртува кон дуелот со Литванија, меч во кој ќе бараат да ја вратат енергијата од првиот дел против Германија.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено