Германија стана првиот тим кој обезбеди место во нокаут-фазата на Евробаскет 2025, откако во Тампере ја совлада Литванија со убедливи 107-88. Со овој триумф, Германците остануваат непоразени во Групата Б, со што уште еднаш покажаа зошто се меѓу главните фаворити за медал.
Двете селекции отворија во силно темпо и одлична реализација од линијата за три поени. Но, токму Германија прва ја презеде контролата со серија од 16-2 на крајот на првата четвртина со што обезбеди водство од 32-20. Литванија се обиде да се врати преку Рокас Јокубаитис кој го намали резултатот на 55-51, но потоа Франц Вагнер повлече 8-2 серија и ја врати двоцифрената предност за Германија. Од тој момент, Литванците не успеаја посериозно да се заканат.
Даниел Тајс одигра совршен натпревар со 9/9 од поле, 3/3 од три поени и 2/2 од слободни фрлања, за вкупно 23 поени и 5 скока. Динамичниот тандем Денис Шредер и Франц Вагнер додаде 50 поени, додека кај Литванија најефикасен беше Јокубаитис со 20 поени.
Германија повторно блескаше во нападот. 53% реализација од игра, само 6 загубени топки (наспроти 18 на Литванија), што се претвори во 25 поени од украдени топки. Покрај тоа, Германците го израмнија рекордот на Евробаскетот со 19 погодени тројки.
Со овој триумф Германија веќе го обезбеди местото во Рига за осминафиналето и останува со совршен скор од групната фаза. Литванија пак ќе ја бара втората позиција во дуелот со домаќинот Финска.



