Вистинска борба на кошаркарски титани се водеше вечерва на теренот во Рига помеѓу репрезентациите на Турција и Србија. Во можеби највозбудливиот меч досега во групната фаза, Турција успеа да ја совлада Србија за првото место во групата А.
Иако двете екипи веќе имаат обезбедено учество во нокаут-фазата, сепак ниту една од нив не сакаше лесно да се откаже од победата, во еден од најизедначените натпревари. Сепак, на крајот победата ја однесе Турција со 95-90, во меч кој беше неизвесен до последните секунди.

На чело со неверојатниот Сенгун, Турција остана непобедена во групната фаза. Алперен Сенгун ја одигра една од најдобрите партии на првенството со 28 поени, 13 скока и 8 асистенции, скрор со кој уште еднаш го освои признанието “Играч на натпреварот”.
Мечот беше вистинска шаховска партија со осум изедначувања и дури 15 промени на водството. Сехмус Хазер со тројка и Алперен Сенгун со храбар продор и изборена лична грешка беа клучните моменти во завршницата, а Шејн Ларкин со прецизни слободни фрлања ја запечати победата.
Никола Јокиќ се обиде да ја врати Србија во игра со офанзивен скок и поени под кошот, но во последната минута промаши тројка за израмнување, по што Сенгун го фати скокот и ја заклучи судбината на мечот.

Иако Србија одигра одлично и не заостануваше многу во шутот, противникот на Ергин Атаман едноставно имаше “своја вечер”. Турција реализираше неверојатни 18 од 31 обид за три поени, што претставуваше недостижно оружје за “орлите”.
Со оваа победа Турција го освои првото место во Групата А и во осминафиналето ќе се сретне со Шведска. Србија пак ќе има тежок дуел против Финска, во обид да го продолжи својот пат кон титулата.
HOLD YOUR HORSES, NIKOLA JOKIC POSTER ALERT 😨😨😨#EuroBasket pic.twitter.com/TFYjyYqPAz
— FIBA EuroBasket (@EuroBasket) September 3, 2025





