Додека Премиер лигата е на интернационалната пауза, решивме да напишеме еден интересен осврт на кариерите на фудбалерите кои денес се тренери на познатите клубови од англиската лига.
Некои биле легендарни, некои добри, но не сите имале одлични фудбалски кариери како играчи.
Пеп Гвардиола – Манчестер Сити (дефанзивец од средниот ред)

Можеби најуспешен како играч бил сегашниот тренер на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, кој помина славни моменти играјќи за Барселона и Рома.
Пеп Гвардиола беше мозокот на легендарниот дрим-тим на Јохан Кројф во Барселона, каде што од основата на средниот ред го контролираше секој напад. Со неговата визија и смиреност, клубот стигна до првиот Европски куп и четири титули во Ла Лига по ред.
И по заминувањето на Кројф, Гвардиола продолжи да блеска, учејќи од Луис ван Гал и освојувајќи уште два шампионати, Копа дел Реј и Куп на победници на купови. Како горд Каталонец одигра 47 натпревари за Шпанија, но поради конфликти со селекторот Клементе и повреди, ги пропушти ЕУРО 1996 и СП 1998.
По Барселона, кариерата ја продолжи во Бреша, Рома и Мексико, каде што учеше од врвни тренери како Мацоне, Капело и Лиљо. Тоа искуство беше идеална подготовка за неговата тренерска ера – денес Гвардиола е сметан за најголем стратег во модерниот фудбал, човек кој ја промени играта засекогаш.
Микел Артета – Арсенал (среден ред)

Како фудбалер, Микел Артета често беше потценет надвор од клубовите каде што настапуваше, но за навивачите на Евертон и Арсенал остана еден од најсигурните и најконзистентни играчи на својата генерација.
По кратка епизода во Барселона и престој во Ренџерс, токму во Евертон се наметна како клучен играч, со шест години во кои беше вистински лидер во средината на теренот. Подоцна, во последните пет години од кариерата во Арсенал, Артета стана симбол на стабилност во период на предизвици за клубот под водство на Арсен Венгер.
Со својата интелигенција, мирен стил на игра и лидерски квалитети, Артета уште тогаш наговести дека планира кариера што ќе биде повеќе од играч.
Арне Слот – Ливерпул (среден ред)

За разлика од многу современи тренери, Арне Слот целата своја играчка кариера ја помина во Холандија. Како офанзивен играч за врска, најмногу настапуваше за ПЕК Зволе и НАЦ Бреда, оставајќи силен белег со својата креативност и чувство за гол.
Со Зволе двапати успеа да обезбеди промоција во Ередивизија, на почетокот и на крајот од кариерата, што ја заокружи неговата врска со клубот. Слот постигна повеќе од 100 голови и запиша над 50 асистенции, бројки што зборуваат сами за себе, дури и во време кога статистиката не беше главниот мерник на фудбалската вредност.
Секогаш препознаен по интелигентната игра и визијата на теренот, Слот уште тогаш покажа квалитети кои подоцна ќе го обликуваат како тренер што размислува неколку потези однапред.
Скот Паркер – Барнли (среден ред)

Кариерата на Скот Паркер беше вистинска турнеја низ Лондон – Чарлтон, Челси, Тотенхем, Вест Хем и Фулам, но тоа не беше резултат на недоволен квалитет, туку поради побарувачката од клубовите за него.
Иако неговиот престој во Челси не се разви според планот, Паркер го искористи тоа искуство за да порасне и да се изгради како еден од најсигурните играчи за врска во англискиот фудбал. Со својата конзистентност и дисциплина стана ценет лидер на теренот, а довербата ја оправда и со 18 настапи за репрезентацијата на Англија.
Енцо Мареска – Челси (среден ред)

Иако професионалната кариера ја започна во Вест Бромвич Албион со само неколку настапи, Енцо Мареска брзо ја насочи својата патека кон европскиот врв. Со Севиља освои две титули во Лига Европа, како и Копа дел Реј и УЕФА Суперкуп.
Во раните 2000-ти ја имаше честа да го подигне шампионскиот пехар во Серија А со Јувентус, а подоцна остави свој траен белег со Палермо, постигнувајќи го единствениот негов гол за клубот, со кој беше обезбеден опстанокот во елитата во 2016 година. Кариера исполнета со вредни трофеи и моменти за паметење, кои му го отворија патот и кон тренерската кариера.
Андони Ираола – Борнмут (дефанзивец)

Андони Ираола е речиси синоним за Атлетик Билбао, клуб во кој мина 14 години и одигра повеќе од 500 натпревари како десен бек. Баскиецот остана запаметен по својата верност и постојаност, иако трофеите му “избегаа”. Тој играше неколку финалиња, но без успех.
Кариерата ја заврши во Њујорк Сити, каде одигра една сезона пред да се повлече. Иако без големи трофеи, Ираола останува икона за Билбао и пример за лојалност и професионализам.
Рубен Аморим – Манчестер Јунајтед (среден ред)

Рубен Аморим речиси целата своја кариера ја мина во Португалија, носејќи го дресот на Бенфика и Беленензеш над 100 пати за двата клуба. Со “орлите” од Лисабон освои три титули во Примеира и дури шест трофеи во Лига купот, а со Брага додаде уште еден.
Беше дел и од тимот на Бенфика кој во Лигата на шампионите 2011/12 двапати ремизираше против Манчестер јунајтед. Пред крајот на кариерата одигра една година во Катар, по што се врати во Бенфика и таму стави крај на играчките денови.
Кит Ендрјус – Брентфорд (централен бек)

Кит играше за многу клубови низ неговата кариера, но поголемиот дел од тие клубови играа во втората лига или подолу. Тој одигра за три различни тима и во Премиер Лигата, а 70 од вкупно 85 негови настапи беа за Блекбурн Роверс. Иако тој не може да се нарече лош играч во ниту еден случај, сепак не е играч кој остави блескав белег во фудбалската историја.
Нуно Еспирито Санто – Нотингем Форест (голман)

Нуно Еспирито Санто е единствен голман на оваа листа. Тој низ кариерата претставуваше бројни тимови, а највпечатлив беше во Порто, за кој имаше над 50 настапи.
Токму со тој тим Еспирито Санто го посидгна трофејот во Лигата на шампионите, но како неискористена замена во финалето. Иако е голман, тој зад себе има запишано и еден гол, кога од пенал постигна погодок за Порто.
Давид Мојес – Евертон (централен бек)

Иако на почетокот од својата кариера Мојес беше дел од победничкиот тим на Селтик во 1982 година, тој сепак не постигна некои особени успеси во неговата лична кариера низ годините потоа. Поголемиот дел од неговите професионални настапи беа за Данфермлин и Престон, а вторите подоцна го ангажираа и како тренер.
Оливер Гласнер – Кристал Палас (дефанзивец)

Оливер Гласнер нема зад себе кариера на светска фудбалска ѕвезда. Поголемиот дел од професионалните настапи како играч тој ги помина во својата Австрија, но тоа не значи дека немал успешна кариера. Како дефанзивец тој одигра над 500 професионални натпревари во лигата во својата матична земја, а најголем дел од нив беа за фудбалскиот клуб Ријд. Тој два пати го има освоено купот на Авсрија за време на неговото играње за клубот и е еден од легендите на тимот.
Еди Хау – Њукасл Јунајтед (среден ред)

Еди Хау има сосема солидна играчка кариера зад себе и покрај тоа што повредата го спречи да го достигне целосниот потенцијал. Тој одигра над 200 натпревари за Борнмут, пред да мора поради почестите повреди да направи промена на клубот во Портсмут.
Откако навивачите собрале пари за тој повторно да се врати во Борнмут, тој таму помина уште три последни години од својата професионална играчка кариера, но повторно поради повредите морал да се пензионира на 30 години, по што кариерата ја продолжил во тренерските води.
Марко Силва – Фулхам (дефанзивец)

Марко Силва е играч кој повеќе се пронајде и истакна во својата тренерска кариера. Тој ја помина целата своја играчка кариера во Португалија, каде играше за дури девет различни клубови, без никаде вистински да си ја пронајде својата шанса. Најголем успех постигна со Есторил, каде помина шест години пред да ја преземе тренерската позиција.
Унаи Емери – Астон Вила (среден ред)

Еден од оние кои дефинитивно имаат повеќе успех во тренерската кариера отколку како играчи е и тренерот на Астон Вила, Унаи Емери. Тој го помина поголемиот дел од професионалната кариера во пониските лиги во Шпанија, пред да се истакне како тренер. Иако својата играчка кариера ја започна во Реал Сосиедад, тој не одигра ниту пет натпревари пред да се префрли во втората дивизија, каде смени неколку клубови и не постигна значителни успеси.
Грахам Потер – Вест Хем (дефанзивец)

За време на својата 12 годишна кариера, Потер претставуваше повеќе англиски клубови, но тој никогаш не стигна до некое повисоко играчко ниво. Можеби најдобрата одлука во неговата кариера беше да се пензионира на 30 години и да се посвети на тренерската позиција.
Реџис ле Брис – Сандерленд (дефанзивец)

Кариерата на Реџис ле Брис која се протегаше низ период од девет години во Франција и Белгија, е далеку од спектакуларна. Французинот никогаш не стана дел од стандардната постава, а најмногу настапи во една сезона му биле 19.
Даниел Фарки – Лидс (напаѓач)

Како напаѓач, Фарки го помина поголемиот дел од својата играчка кариера во пониските германски лиги. Тој играл за повеќе различни клубови, но и покрај тоа што имал долга кариера, неговото ниво дефитивно не е некое со кое може да се пофали.
Витор Переира – Вулвс (среден ред)

Переира е еден од оние тренери кои се прошетаа низ својата играчка кариера. Иако тој играше во Португалија, најголемиот дел го поминал во аматерските клубови. Тој се пензионирал од играчката кариера на само 28 години, по што се посветил на тренерството.
Томас Франк – Тотенхем (среден ред)
Играчката кариера на Томас Франк не стигнала до професионално ниво, пред Данецот да премине во тренерските води уште во неговите 20 години. На 31 година тој станал тренер на данската репрезентација до 16 години, потоа на онаа до 17, а останатото е историја.

Фабијан Хурзелер – Брајтон (среден ред)

Иако кариерата ја започнал од фудбалската академија на Баерн Минхен, тој најмногу стигнал до резервниот клуб. Рано се откажал од својата фудбалска кариера, па на само 22 години се пензионирал и се посветил на тренерската кариера.



