Балтичко дерби достојно за историја! Литванија и Латвија приредија вистински спектакл во осминафиналето на Евробаскет 2025, пред полни 11.000 гледачи во салата. Еуфорија на трибините, две репрезентации кои играа со срце, но на крајот Литванија беше таа што славеше со 88-79 и обезбеди место во четвртфиналето, каде ќе ги чека подобриот од дуелот Грција – Израел.
Латвија поведе со 56-48 во третата четвртина и имаше неколку прилики да се врати целосно во игра, но промашените шутеви и изгубените топки ги чинеа скапо. Клучниот момент дојде кога Јонас Валанчјунас погоди на истекот од нападот, враќајќи ја предноста на двоцифрена разлика. Тоа беше удар од кој домаќините не се опоравија.
Литванија ја контролираше последната четвртина, а кога Латвија се доближи на минус 7 на три и пол минути пред крај, Ажуолас Тубелис и Арнас Величка со два брзи коша ја затворија приказната.
Играчот кој ја презеде улогата на повредениот Јокубајтис одигра меч од соништата: 21 поен, 12 асистенции и 5 скока. Тој стана само третиот Литванец во историјата на Евробаскет со над 10 асистенции во елиминациски натпревар, по легендите Јасикевичиус и Калниетис.
Со Величка на теренот, Литванија беше плус 15, бројка која ја објаснува целата негова важност.
CAPTAIN LITHUANIA 🇱🇹#EuroBasket | #MakeYourMark pic.twitter.com/WoN9idhjLQ
— FIBA EuroBasket (@EuroBasket) September 6, 2025
Иако беа без својот главен плејмејкер, “зелено-белите” одиграа со сила и тактичка зрелост, а дури и високите играчи како Тубелис и Седекерскис успешно го бранеа латвискиот организатор Артурс Жагарс, со што му ја загорчија играта на Кристапс Порзингис.
Порзингис пак блесна со неверојатни 34 поени и 19 скока, но тоа не беше доволно да ја спречи елиминацијата на домаќинот.
Литванија се враќа меѓу најдобрите осум во Европа по пропуштените турнири во 2017 и 2022 година. Навивачите со гордост ја прославија победата, а латвиската публика, и покрај елиминацијата, долго по крајот аплаудираше на својата репрезентација за храброто издание.




