14.8 C
Skopje

Кралот се повлече – да живее кралот!

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Финалето на Ролан Гарос вчера не беше само натпревар, туку вистинска историска битка. Кога Карлос Алкараз го запечати триумфот над Јаник Синер, публиката на Филип Шатрие беше сведок на најдолгото финале во историјата на Ролан Гарос, траејќи цели 5 часа и 29 минути – меч на границата на издржливоста, физичка и ментална.

Овој маратон, исполнет со пресврти и драматичност, ни донесе вистински тениски спектакл, а Алкараз успеа од негатива од два сета и преживување на три меч-топки, на крајот да триумфира со доминација во тајбрејкот во петтиот сет. Со ова, тој стана првиот тенисер роден во новиот милениум кој има освоено пет Грен слем титули – симболична потврда дека новата генерација е подготвена да владее.

Извор: https://www.rolandgarros.com

Оваа година беше прв пат кралот на земјените терени, Рафаел Надал, да не игра на славниот турнир, а кога еден крал ќе ја симне круната, друг доаѓа на тронот. Вчерашниот меч беше порака до тенискиот свет: младата генерација е подготвена, а иднината е нивна. Ривалството Алкараз–Синер е само најава за генерациска промена. Кралот се повлече, но круната сега ја носат тие што допрва ќе го испишуваат златниот период на новиот милениум.

Синер, светскиот број 1, ги освои првите два сета (6-4, 7-6) и делуваше како сигурен победник. Но Алкараз, со срце на шампион и неверојатна ментална цврстина, возврати – 6-4 во третиот сет, 7-6 во четвртиот, и потоа блескава игра во завршницата. Публиката броеше над 120 директни поени, долгите разигрувања беа магични, а темпото – немилосрдно.

Од друга страна пак, Јаник Синер после тешкиот период и пауза од големите натпреварувања успеа да одигра неверојатен турнир и финале за паметење, па не може ниту малку да се замери на неговата вчерашна игра.

Оние кои вчера го гледаа финалето посведочија на неверојатна спортска подготвеност, тениска генијалност и џентлменска игра во која тенисерите покажаа почит кон противникот дури и во моментите кога сами оспоруваа одлуки на судијата на сметка на другиот.

Алкараз успеа да ја одбрани титулата на Ролан Гарос, а ова можеби беше најава дека шпанската доминација на земјените терени сепак ќе продолжи и во наредните години. Но, што и да биде, вчерашниот меч докажа една непоколеблива вистина – иднината на тенисот е светла, а “кралот” доаѓа со идната генерација на врвни тенисери.

Извор: https://x.com/rolandgarros

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено