Долгоочекуваниот дрим-тим на ФИБА Евробаскет 2025 е објавен, предводен од МВП играчот на турнирот, Денис Шредер од Германија.
Во идеалната петорка се најдоа двајца кошаркари од шампионот Германија, како и по еден претставник од финалистот Турција, од бронзената Грција и од Словенија, која заврши надвор од топ 4, но не можеше да остане без место во оваа елитна селекција.

Денис Шредер, Германија
Срцето и душата на германската репрезентација. Капитенот повторно го покажа своето лидерство, водејќи ги светските прваци до ретка двојна круна на Светското првенство и Евробаскетот. Иако имаше лимитирани минути во групната фаза, Шредер блесна во елиминациите, каде ги крена бројките до 20.3 поени, 3.4 скока и 7.2 асистенции во просек. Во големото финале одигра маестрално со 16 поени и 12 асистенции, носејќи ја Германија до трофејот. За него ова е втор избор во “златната петорка” по ред, откако истото признание го доби и во 2022.

Лука Дончиќ, Словенија
Иако Словенија застана во четвртфиналето, Дончиќ неминовно се најде во идеалната петорка. Тоа е негов втор ваков избор, по првиот во 2017 година. Лука беше најдобар стрелец на турнирот со неверојатни 34.7 поени во просек, додавајќи и 8.6 скока и 7.1 асистенции. Тој ја предводеше својата селекција во сите статистички категории и испиша историја со четвртиот трипл-дабл во историјата на Евробаскет со 26 поени, 10 скока и 11 асистенции против Белгија.

Франц Вагнер, Германија
Совршен кошаркар за сите страни на теренот. Вагнер повторно покажа дека со Шредер сочинува еден од најопасните тандеми во светската кошарка. Во четвртфиналето против Словенија постигна 23 поени, а во финалето беше клучен со 18 поени и 8 скока. Неговиот биланс на турнирот гласи 20.8 поени, 5.9 скока и 3.4 асистенции, бројки кои сведочат за неговата константна важност за германскиот успех.

Јанис Антетокумбо, Грција
По 16 години Грција повторно се врати на пиедесталот, а тоа се случи благодарение на “грчкото чудо”. Јанис ја водеше својата репрезентација до бронза со маестрална партија од 30 поени, 17 скока и 6 асистенции во мечот за третото место против Финска. На турнирот во целост беше втор стрелец со 27.3 поени, плус 10.6 скока и 4.1 асистенции по натпревар. Со ова, Антетокумбо вторпат по ред се најде во најдобрата петорката на Европските првенства.

Алперен Шенгун, Турција
Фантастичен турнир за големиот турски центар кој дефинитивно го цементираше своето место меѓу европските ѕвезди. Со низата спектакуларни партии ја предводеше Турција до сребрениот медал. Заврши меѓу најдобрите тројца скокачи и асистенти, а воедно и меѓу топ 10 стрелците со 21.6 поени, 10.1 скок и 6.6 асистенции по меч. Во финалето уфрли 28 поени, а навивачите ќе го паметат и неговиот историјски трипл-дабл од 19 поени, 12 скока и 10 асистенции во четвртфиналето против Полска.




