Стари навики тешко умираат. Само неколку дена откако Реал Мадрид најави дека ќе ја бојкотира “Златната топка”, “кралскиот клуб” повторно се најде во центарот на еден голем скандал, овојпат поради контроверзната победа од 2:1 против Олимпик Марсеј на отворањето на новата сезона во Лигата на шампионите.
Иако Реал Мадрид играше со играч помалку од 72-та минута по исклучувањето на Дани Карвахал, до победата стигна со гол од пенал во 81-та минута – пенал кој, според сите неутрални аналитичари, па дури и според про-мадридските медиуми, воопшто не постоеше.
Што се случи? Спорниот момент што ја запали Европа
Во 81-та минута, при резултат 1:1, Винисиус Жуниор влезе во шеснаесетникот, а дефанзивецот на Марсеј, Факундо Медина, се фрли на земја за да го блокира. При падот, додека се потпираше на тревата, топката го удри во раката, а босанскиот судија Ирфан Пељто веднаш покажа на белата точка.
Реакциите: “Срамен пенал”, “Ова не е фудбал”
Одлуката на судијата предизвика лавина од реакции. Најгласен беше тренерот на Марсеј, Роберто Де Зерби.
“Ова е срамен пенал! Немаше пенал. Истото би го кажал и да беше досуден за нас. Ниту на ‘Бернабеу’, ниту на ‘Велодром’, никаде! Не сакам да правам контроверзии, само велам дека немаше пенал. Точка”, изјави бесниот Де Зерби.
Дури и “Марка” призна: “Пеналот не е добро досуден”
Она што е најинтересно е што дури и “Марка”, весникот кој важи за гласило на Реал Мадрид, призна дека одлуката е погрешна. Нивниот судиски аналитичар, Перез Бурул, изјави:
“Пеналот не е добро досуден, бидејќи тоа е природна акција. Играчот се фрла на земја, а раката не ја бара топката”.
Сличен став имаше и специјализираниот профил за судиски анализи, “Archivo VAR”, кој истакна дека раката очигледно оди кон земјата како точка за потпора и дека според актуелните правила, тоа не треба да биде казниво.
На крајот, Килијан Мбапе го реализираше пеналот и му донесе победа на Реал Мадрид. Но, горчливиот вкус останува. Ова беше ноќ во која фудбалот повторно беше во сенка на судиските одлуки, а Реал Мадрид уште еднаш покажа зошто е еден од најконтроверзните клубови во светот.