Челси се врати во Лигата на шампионите по пауза од речиси две и пол години, но нивното деби заврши со пораз од 3:1 на Алијанц Арена. Главната ѕвезда на вечерта беше Хари Кејн, кој постигна два гола и го потврди квалитетот на Баерн против младата екипа на Енцо Мареска.
“Сините” тргнаа храбро и во првиот дел беа рамноправни, дури и подобри во одредени моменти. Палмер и Фернандез креираа шанси, Кукурела се закани со удар со глава, а Баерн изгледаше вознемирен од високото темпо и агресивниот пристап на гостите.
Сепак, искуството на Германците пресуди. Во 20-тата минута Серже Гнабри лесно ја проби десната страна и нафрли, а Тревор Чалоба несреќно ја вметна топката во сопствената мрежа. Само седум минути подоцна, Кајседо направи прекршок врз Кејн, кој мирно реализираше пенал за 2:0.
Челси одговори веднаш. Во 29-тата минута Палмер влезе низ средината, одигра брза акција со Густо и со прецизен удар во горниот агол го врати тимот во игра. Алијанц Арена замолкна за миг, а младиот англиски офанзивец ја покажа својата класа.
Appearance 100. Goal 45.
Ice cold. pic.twitter.com/4oFBnzJrjp
— Chelsea FC (@ChelseaFC) September 17, 2025
Вториот дел донесе уште повеќе возбудувања. Голманот Роберт Санчез спречи два чисти гола, најпрво од Кејн, а потоа со спектакуларна интервенција одбрани удар на Олисе. Но, Баерн повторно ја казни секоја грешка. Во 64-тата минута Гнабри асистираше, а Кејн со ладнокрвен удар низ долниот агол го постави конечниот резултат 3:1.
Палмер постигна уште еден одличен погодок со многу умешност, но истиот беше поништен поради офсајд ситуација.
За Челси, ова беше лекција на највисокото ниво. Тимот на Мареска покажа храброст и квалитет, но младоста и недостатокот на искуство се платија скапо против состав навикнат да победува во Европа. Баерн, пак, уште еднаш потврди дека останува меѓу најголемите фаворити за трофејот.



