Кога нашите фудбалери ќе истрчаат на теренот во дресот на чиј гради го има македонското сонце, ќе започнат и надежите на навивачите за уште едно остварување на детските соништа – Македонија на Светско првенство.
Дресот на македонската фудбалска репрезентација е дизајниран од страна на Мартин, кој повеќето го знаат како дел од музичкото дуо Некст Тајм. За нас, тој е другар со кој заедно израснавме и ги започнавме првите спортски чекори додека игравме фудбал како деца во Славија, а денес прераснат во еден од оние кои зад кулисите е вистински љубител на спортот.
Бидејќи поголемиот дел од јавноста го знае како музичар, ние решивме да поразговараме со него на понеформални теми, околу неговата поврзаност со спортот, љубовта кон спортскиот дизајн и неговата идеја зад дизајнот на македонскиот фудбалски дрес.

Спортска Станица: Ако сме искрени, дресот на дизајнот кој ти го направи требаше да дојде на местото на еден од најлегендарните, што и не е така едноставна задача. Така што, секоја чест. На крајот излезе одлично, а луѓето го примија навистина добро. Сигурно ти е многу јако кога гледаш како на теренот излегуваат во твојот дизајн 🙂
Мартин: Првиот натпревар ми беше, затоа што тогаш бев на стадион 🙂 Со ФФМ соработувам и на други дизајни, го правам тоа од љубов кон спортот, кон дизајнот. Во дресот учествував со дел од креативата заедно со Рахила Илиев и се приклучив во цел концепт онака како што јас сакав да го испромовирам од она што сме научиле од нашето 20 годишно искуство во музиката. И бевме внимателни што и како ќе се претстави, затоа што претходниот обид со бордо дресот со рисот не беше добро прифатен.
Спортска Станица: Тоа не беше лош дизајн ако тргнеме на страна сè, но беше утната бојата на Македонија. И беше во чувствителен момент можеби, пред да тргаме на Европското првенство, па на крајот нели играа со стариот дрес.
Мартин: Тоа не беше вина на ФФМ, тие испратиле примерок за бојата до производителот, но тие едноставно ја немале, па искористиле некоја друга, и јавноста не ја знаеше вистината зад таа приказна и лошо го прифатија тој дрес. Имаше грешка и во формата на дресот, целиот беше “оверсајзд”, не беше воопшто струкиран и не личеше на спортски дрес.

Спортска Станица: Каква е твојата поврзаност со дизајнот во спортот, на страна тој дрес?
Мартин: Јас соработувам многу со ФФМ. Ги правам дизајните на најавите, го брендирав новиот автобус, платната за на стадион, ја дизајнирав ВИП собата со постери… Тоа не ми е работа, не ми е професија. Туку дека играм фудбал од дете, тоа ми е пасија. Искрено, не знам ни како завршивме ние во музика, мислевме дека ќе бидеме фудбалери.
Спортска Станица: Да да, ќе ја ставиме сликата кадешто играме во Славија со тебе и Стефан. Игравме по цели денови фудбал на тревникот.

Мартин: Нема да не познаат повеќето 🙂 Ние продолживме после во Работнички, па завршивме во Ѓорче Петров до 19 години. Стефче откажа порано почна да пее, се насочи кон музиката повеќе, а јас покрај него. Ногата ја повредив, не можев да тренирам два месеца и толку беше. Ама, и музиката ни беше голем ќејф, одевме свиревме по градови, по пивници, за 200 денари дневница, само за да свириме.
Спортска Станица: Да, уште од деца ви беше и музиката. Се сеќавам на песната што ја пеевте како деца “Фудбалер и кошаркар” 🙂
Мартин: Да, ние игравме 24/7 фудбал. Уште играме. И тенис играм, но сепак Стефче повеќе спортува.
Спортска Станица: А, како излезе целата приказна со дресот?
Мартин: Ми се јавија да дојдам во ФФМ, ми кажаа дека треба да се менува дресот со рисот што беше дизајниран за Европското. И ми рекоа еднаш ни даде ти идеја и редизајн на постоечкиот со сонцето, па те викнавме да видиме што идеја имаш. Затоа што јас тоа им реков, мора да го задржиме сонцето, по тоа е препознатлив дресот на Македонија, само мора да го играме некако. Затоа што реално ни е симбол. И УЕФА не дозволуваат да ставаш сè и сешто. Мора да оди сè на одобрување. Тоа беше процес на креирање од година дена.
Спортска Станица: Како почна всушност ти да навлегуваш во дизајнот?
Мартин: Цел живот сакав да дизајнирам постери за филмови. Стално кога одев во кино ги гледав како точно ги прават. Некако од таму почна целата љубов кон дизајнот.
Спортска Станица: На страна од фудбалот, што друго те влече од спортот?
Мартин: Морам да гледам МотоГП и тенис. И Стефан може да ви биде дописник, сè следи од МотоГП 🙂
Спортска Станица: Да, и сезонава е многу јака. Има супер позитивна атмосфера на трибините и супер е за гледање. Најважно е да има позитивна енергија околу спортот. На крајот на денот децата поради тоа се заљубуваат во спортовите.
Мартин: Да, а кога сме кај децата имам и правено и за оформувањето на еден детски фудбалски клуб, ФК Карев. И таму правев сè од дизајнот од чиста љубов. Помогнав колку можев во моето слободно време.
Спортска Станица: Ние имавме соработка и со нив. Не знам дали си видел, имаме и Детско катче на страната, сакаме да пишуваме и да ги инспирираме младите. Затоа е и идејата да се дава детскиот дрес.

Мартин: Супер, веќе пораснаа многу со фудбалските школи и клуб.
Спортска Станица: Чекаме и ние да биде готов новиот терен, па да ги посетиме 🙂
Мартин: Јас цело време тоа викам, дете е најубаво со спорт да расте.
Спортска Станица: Индивидуален или тимски?
Мартин: Од сите можеш различни работи да научиш. Најдобро е можеби да се пробува неколку работи, па да види детето што му одговара најмногу. Од пливање можеш едно да научиш, од фудбал тимска работа, од тенис индивидуалност, тимска работа. Јас играм тенис, секој ден е борба со себе. Психолошка игра е, се развива и психата.
Спортска Станица: Се надеваме сега дека ќе успееме да инспирираме некое младо дете заедно со тебе да се заљуби во спортот 🙂 Фала ти Мартин ти на разговорот, сигурни сме дека на нашите читатели ќе им биде интересно да прочитаат нешто и за твојата спортска страна 🙂
