4.8 C
Skopje

“Супер-викенд” во Европа: Од Рим до Белград, ова се најжешките дерби дуели!

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Подгответе се за викенд каков што ретко се гледа! Од Марсеј до Белград, од Рим до Ливерпул, фудбалска Европа овој викенд ќе биде епицентар на најголемите ривалства, страст и пасија. Ова не е само фудбал, ова е војна за гордост, за доминација, за историја.

Во продолжение, ви носиме детален водич низ 10-те најжешки дерби-натпревари, но со еден наш, уникатен осврт – почнувајќи од крајот.

Олимпик Марсеј – ПСЖ (Недела, 20:45 ч.) | “Le Classique”: Може ли Марсеј да го запре Дембеле?

Викендот завршува со најголемото француско дерби. Марсеј влегува во овој дуел ранет по контроверзниот пораз од Реал Мадрид, но и мотивиран да му се спротивстави на најголемиот ривал. Од друга страна, ПСЖ доаѓа по доминантната победа над Аталанта и со неверојатен скор – само два порази на последните 40 дуели со Марсеј. Дали е време за чудо, или Луис Енрике Мартинес и дружината ќе продолжат да доминираат?

Извор: https://www.youtube.com/@supportersaction

Панатинаикос – Олимпијакос (Недела, 20:00 ч.) | Дерби на вечните непријатели

Атина ќе гори! Олимпијакос влегува во дербито во страшна форма, со три победи на три натпревари. Панатинаикос, пак, има катастрофален старт на сезоната. Но, кога се работи за дербито на вечните непријатели, статистиката не значи ништо. Ова е натпревар на страст, емоции и омраза, каде што победата е поважна од титулата.

Арсенал – Манчестер Сити (Недела, 17:30 ч.) | Битка за титулата уште во септември

Дуелот кој во последните неколку години стана синоним за битка за титулата иако таа никогаш не завршува во рацете на Арсенал 😊. Арсенал и Манчестер Сити, предводени од ученикот и учителот, Артета и Гвардиола, влегуваат во овој дуел по победите во Лигата на шампионите. Ова е судир на двете најдобри екипи во Англија, заедно со Ливерпул и директна битка за престиж и првото место на табелата.

Извор: https://www.independent.co.uk/ {(PA)}

ПСВ – Ајакс (Недела, 14:30 ч.) | “De Topper”: Битка за Холандија

По минатогодишната драма во последното коло, ривалството помеѓу ПСВ и Ајакс е пожестоко од кога било. Двата тима влегуваат во овој дуел по поразите во Лигата на шампионите и ќе бараат начин да се вратат на победничките патеки. Ова е судир на два различни стила, две различни филозофии и двата најголеми клуба во Холандија.

Лацио – Рома (Недела, 12:30 ч.) | “Derby della Capitale”: Кој ќе владее со Рим?

За првпат во историјата, вечното римско дерби ќе се игра напладне. Лацио влегува во лоша форма, додека Рома игра нешто подобро, но и понатаму се мачи со ефикасноста. На “Олимпико” нè очекува тврд, тактички натпревар, во кој еден потег може да го реши победникот и да донесе шестмесечна доминација во вечниот град.

Извор: https://x.com/tancredipalmeri

Ленс – Лил (Сабота, 21:05 ч.) | “Derby du Nord”: Жестока битка на северот

Можеби не е најзвучното, но дефинитивно е едно од најжестоките дербија во Франција. Лил е во одлична форма и е во врвот на табелата, додека Ленс игра променливо. Сепак, на овој натпревар, домашниот терен и поддршката од фанатичните навивачи можат да бидат одлучувачки.

Партизан – Црвена Звезда (Сабота, 19:00 ч.) | “Вечното дерби”: Давид против Голијат

Белград ќе застане. Црвена Звезда со години доминира во српскиот фудбал, додека Партизан се обидува со млади играчи од сопствената школа да му се спротивстави на најголемиот ривал. Иако Звезда е фаворит, во “вечното дерби” сè е можно.

Извор: https://noflytripping.wordpress.com/

Манчестер Јунајтед – Челси (Сабота, 18:30 ч.) | Судир на ранетите лавови

Два гиганти во криза. Јунајтед има катастрофален старт на сезоната, додека Челси е сè уште непоразен, но и неубедлив. Ова е дуел во кој и двата тима мораат да одат на победа – Јунајтед за да излезе од кризата, а Челси за да докаже дека е сериозен кандидат за врвот.

Хајдук – Динамо (Сабота, 17:00 ч.) | “Вјечното дерби”: Битка за Хрватска

Загреб против Сплит. Динамо и Хајдук влегуваат во ова дерби израмнети на врвот на табелата, со ист број на бодови. По годините на доминација на “модрите”, Хајдук конечно изгради тим кој може да се носи со најголемиот ривал. Нè очекува пекол на “Пољуд”!

Извор: https://hajduk.hr/

Ливерпул – Евертон (Сабота, 13:30 ч.) | “Merseyside Derby”: Градот ќе биде обоен во црвено или сино?

Викендот започнува со едно од најстарите и најстраствените дербија во светот. Ливерпул е апсолутен фаворит, особено на “Енфилд”, каде што Евертон има само две победи во последните 30 години. Сепак, во градското дерби, срцето често го победува квалитетот.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено