Ливерпул ја продолжи перфектната серија во Премиер лигата откако го совлада Евертон со 2:1 во уште едно тензично градско дерби на Енфилд. Тимот на Арне Слот останува со максимален учинок по пет кола и се одвои на врвот на табелата.
Дејвид Мојс повторно остана без победа на Енфилд, кадешто ниту по 21 обид во Премиер лигата не успеа да дојде до триумф, и тоа со четири различни клуба.
“Црвените” рано ја презедоа контролата. Во 10-та минута Мохамед Салах испрати совршена топка кон Рајан Гравенберх, кој инстинктивно погоди за 1:0. Тоа беше најраниот гол на Ливерпул дома уште од септември 2023 година.
Гравенберх, кој беше вратен во почетниот состав во трио со Собослаи и Мак Алистер, се претвори и во асистент. Со прецизно додавање го изведе Екитике сам пред голот, а напаѓачот погоди за 2:0 и свој четврти гол во дресот на Ливерпул.
Three points on derby day!!! ✊🔴 #LIVEVE pic.twitter.com/DSbo3nzCqT
— Liverpool FC (@LFC) September 20, 2025
Во второто полувреме Евертон ја врати неизвесноста. Геје со силен волеј ја намали предноста, по акција која ја започна и одлично изработи Џек Грилиш, најактивниот фудбалер во редовите на гостите. Но, тоа беше сè што тимот на Мојс успеа да направи.
Иако крајот донесе нервоза и обиди за израмнување, Ливерпул успеа да ја задржи предноста и да впише петта последователна победа во лигата, што е најдолга ваква серија под водство на Арне Слот.
Со овој триумф “црвените” се одвоија со шест бода предност на врвот на табелата, пред дербито меѓу Арсенал и Манчестер Сити кое следува во недела.



