14.8 C
Skopje

(Видео) Манчестер Јунајтед во драматичен дуел го совлада Челси

Објавено:

Манчестер Јунајтед внесе нова надеж во својата тешка премиерлигашка сезона откако во возбудлив натпревар со два црвени картони славеше со 2-1 против Челси.

Средбата започна хаотично за гостите, кои уште во петтата минута останаа со играч помалку. Голманот Роберт Санчез направи груб старт врз Брајан Мбеумо, кој излегуваше сам пред голот, по што веднаш беше испратен во соблекувалната. Предноста во бројност Јунајтед ја искористи преку Бруно Фернандеш, кој во 23-та минута постигна свој јубилеен 100-ти гол за клубот во сите натпреварувања.

Домаќините брзо удвоија преку Лука Шо кој упорно ја задржа топката во шеснаесеттникот, а Каземиро ја заврши акцијата со прецизен удар со глава за 2-0 во 37-та минута. Но, искусниот Бразилец од херој бргу стана антихерој: со втор жолт картон беше исклучен пред полувремето, оставајќи ги “црвените ѓаволи” со десеттмина и враќајќи надеж за Челси.

Тимот на Енцо Мареска, кој веќе беше принуден на рана тројна измена поради исклучувањето и повредата на Кол Палмер, долго време немаше вистинска закана. Единствениот момент на надеж дојде во 80-та минута, кога Трево Чалоба погоди со глава и ја намали предноста. Сепак, до крајот гостите не создадоа сериозна шанса, а Алтај Бајндир без поголеми проблеми го чуваше водството.

Со оваа победа Јунајтед стави крај на серијата лоши резултати и барем накратко му даде мир на тренерот Рубен Аморим, чиј учинок од само осум победи во 31 натпревар во лигата досега беше под силна критика.

“Денес победивме и тоа е добар ден за нас. Критиките обично се оправдани, но важно е што покажавме итност и агресија. Сакаме повторно да победуваме”, изјави Аморим по натпреварот за “Sky Sports”.

Менаџерот на Челси, пак, жали за катастрофалниот старт: “Не можеме да почнеме натпревар на Олд Трафорд и да добиеме црвен картон по три минути. Тоа ја уништи нашата игра. Што е до мене, подобро ќе беше Мбеумо да го постигнеше погодокот, отколку да црвениот картон. Ќе имавме уште 85 минути игра. Подобро со еден гол негатива на 5 минути, отколку со играч помалку до крај”, рече Мареска.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено