Ла Лига преглед: Реал Мадрид беспрекорен, Џирона продолжува да тоне

 

Објавено:

Реал Мадрид 2-0 Еспањол: Реал Мадрид моќен, Еспањол со прв пораз сезонава

Реал Мадрид продолжи со максимален ефект во шампионатот и ја прекина одличната серија на Еспањол. На Сантијаго Бернабеу паднаа два спектакуларни погодоци од дистанца: прво Едер Милитао со вистинска неодбранлива бомба отвори во 22-та минута, а потоа Килијан Мбапе со прецизен удар веднаш по паузата. Французинот веќе има седум погодоци во првите шест натпревари за клубот и уште еднаш ја оправда улогата на лидер во нападот.

Тренерот Чаби Алонсо беше задоволен од прикажаното: “Против вакви затворени екипи мора да се бараат решенија од далечина. Милитао погоди фантастично, а Килијан заврши во транзиција. Се гледа дека тимот расте секој меч”.

Реал со пет од пет победи избега на плус 5 пред Еспањол и Барселона, додека за Еспањол ова беше прв пораз во сезоната. Каталонците настапија без најдобриот стрелец Пере Мила и не успеаја сериозно да го загрозат Кепа, иако Дмитровиќ спречи повисок пораз со неколку одбрани.

Добра вест за “кралевите” беше и враќањето на Џуд Белингем и Едуардо Камавинга, кои добија минути по опоравувањето од повреди.

Џирона 0-4 Леванте: Криза без крај за Џирона

Еден од најубавите фудбалски проекти во Шпанија се соочува со тежок период. Џирона загуби и петти пат по ред, овојпат катастрофално на домашен терен од Леванте (0-4). Само две сезони откако беа во Топ 3, сега изгледаат бледо и без идеја.

“Моментално сме најлошиот тим во лигата”, искрено призна тренерот Санчес. “Единствениот начин е да продолжиме да работиме и да бараме излез”.

Виљареал 2-1 Осасуна: Виљареал со пресврт против Осасуна

“Жолтата подморница” се врати на победнички патеки со триумф од 2-1 против Осасуна. Гостите останаа со човек помалку во 40-та минута по исклучувањето на Валентин Росие, но и покрај тоа поведоа преку Анте Будимир од пенал пред паузата.

Вториот дел донесе целосен пресврт. Прво новото засилување Микаутадзе се запиша во листата на стрелци со својот прв погодок за клубот, а потоа Папе Гуе донесе водство што домаќините го задржаа до крај. Херој на финишот беше голманот Луиз Жуниор, кој со две големи одбрани ги исправи сопствените грешки од дуелот со Тотенхем во Лигата на шампионите.

Алавес 1-2 Севиља: Севиља со втор гостински триумф во низа

Екипата на Севиља продолжува со одличната форма надвор од својот терен, славејќи на Мендисороза со 2-1 против Алавес. Рубен Варгас со прецизен удар ја донесе предноста за Андалузијците, но домаќините успеаја да израмнат преку Карлос Висенте од пенал.

Клучниот момент се случи во второто полувреме кога во игра влезе искусниот Алексис Санчез. Чилеанецот, кој неодамна пристигна во клубот, погоди за својот прв гол во дресот на Севиља и ја запечати победата.

Валенсија 2-0 Атлетик: Валенсија го победи Атлетик со играч повеќе

По тешкиот пораз на Камп Ноу, Валенсија успеа да се рехабилитира и пред својата публика на Местаља славеше со 2-0 против Атлетик Билбао. Баскијците имаа подобар почеток и во првото полувреме создадоа неколку сериозни шанси, но голманот Агвирезабала, кој настапи против клубот што го поседува, ги остави домаќините во игра.

Клучниот момент дојде во 61-та минута кога Дани Вивијан заработи црвен картон, по што иницијативата целосно премина на страната на домаќините. Десетина минути подоцна, Батисте Санта Марија со својот прв погодок во дресот на Валенсија го отвори резултатот, а во судиското надополнување токму тој асистираше до Хуго Дуро за конечни 2-0 и вредни три бода за тимот на Карлос Корберан.

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено