Ливерпул 2-1 Евертон: Ливерпул го доби градското дерби
Ливерпул денес го доби градското дерби против ривалот Евертон, за продолжување на победничката низа во Премиер лигата и задржување на првото место на табелата.
Во 10-та минута Мохамед Салах испрати совршена топка кон Рајан Гравенберх, кој инстинктивно погоди за 1:0. Тоа беше најраниот гол на Ливерпул дома уште од септември 2023 година. Гравенберх, кој беше вратен во почетниот состав во трио со Собослаи и Мак Алистер, се претвори и во асистент. Со прецизно додавање го изведе Екитике сам пред голот, а напаѓачот погоди за 2:0 и свој четврти гол во дресот на Ливерпул. Геје со силен волеј ја намали предноста, по акција која ја започна и одлично изработи Џек Грилиш, но тоа беше сè што тимот на Мојс успеа да направи.
Манчестер 2-1 Челси: Драматичен меч на Олд Трафорд
Ниту силниот дожд, ни црвениот картон на Каземиро не ги спречи Манчестер Јунајтед да дојдат до втората победа сезонава, после големите критики од јавноста упатени кон тренерот Аморим.
Тие на Олд Трафорд го совладаа силниот противник Челси, кој уште во 5-та минута од натпреварот остана со играч помалку, а на проблемите придодаде и новата повреда на Кол Палмер.
Првиот гол на мечот му припадна на капитенот Бруно Фернандеш, кому ова му беше 100-ти погодок за клубот, а предноста ја удвои токму подцна исклучениот Каземиро. За гостите Трево Чалоба погоди со глава, но само за намалување на предноста.
Брајтон 2-2 Тотенхем: Спас за “Спарси” со автогол на Амекс
Тотенхем извлече бод на тешкото гостување кај Брајтон (2-2), благодарение на доцен автогол на Јан Пол ван Хеке. “Спарси” беа во негатива од два гола по погодоците на Минте и Ајари, но Ришарлисон намали пред паузата и ја врати надежта.
Воведувањето на Ксави Симонс даде свежина во нападот, а во 82-та минута Ван Хеке несреќно ја испрати топката во сопствената мрежа. Тимот на Томас Франк останува непоразен во гостинските дуели и со десет освоени бода скокна на второто место, пред Арсенал.
Вест Хем 1-2 Кристал Палас: Нов удар за Вест Хем – Палас го продлабочи хаосот
Протести на трибините и нов пораз на теренот. Вест Хем потклекна пред Кристал Палас со 1-2 на стадионот Лондон. Матета од корнер донесе водство за гостите, а иако капитенот Боуен израмни и накратко ја крена атмосферата, одбраната пак попушти, па овојпат Мичел со волеј ја закова топката во мрежата за ново разочарување.
Притисокот врз Греам Потер расте, а со само шест победи во 25 меча, навивачите сè погласно бараат промена на клупата.
Барнли 1-1 Нотингем Форест: Прв бод за Постекоглу на клупата на Нотингем
Анге Постекоглу конечно запиша прв бод како тренер на Нотингем Форест, но и понатаму чека на победа, откако на гостувањето кај Барнли резултатот беше 1-1.
“Шумарите” поведоа уште во втората минута преку Вилијамс, но автоголот на Зинченко, кој несреќно ја одби слабата завршница на Џејдон Ентони, им ја уништи радоста. Барнли благодарение на голманот Дубравка ја преживеа втората половина и извлече бод, а Постекоглу ќе мора да почека уште за првата премиерлигашка победа.
Вулвс 1-3 Лидс Јунајтед: Лидс со камбек го потопи Вулвс
Лидс го искористи кризното расположение во редовите на Вулверхемптон и славеше со убедливи 1-3, иако домаќините први поведоа со гол на Крејчи. Во само 15 минути Лидс ја свртеа целата слика. Калверт-Луин израмни, Штах постигна мајсторски слободен удар, а Окафор донесе двоцифрено водство уште пред паузата.
Вулвс остануваат единствени без бод сезонава и веќе се заковани на дното со пет порази во низа, што дополнително ја зголемува тензијата околу тренерот Переира.
Фулам 3-1 Брентфорд: Фулам ја освои западна Лондонска дерби-сцена
Фулам дојде до трет последователен триумф во дербијата со Брентфорд, славејќи со 3-1 на Крејвен Котиџ. Гостите први поведоа преку Дамсгор по кикс на младинецот Кинг, но домашните одговорија брзо. Ивоби ја искористи збрката во одбраната за израмнување, а потоа Вилсон со прецизен удар го направи пресвртот уште пред паузата.
На почетокот од второто полувреме Пинок несреќно ја испрати топката во сопствената мрежа и ја запечати судбината на “пчелите”. Брентфорд остана без вистинска закана во нападот, додека Фулам славеа уште една убедлива победа против соседите.



