12.8 C
Skopje

Јубилејното дерби во корист на Вардар: Драматичен меч на Градски!

Објавено:

Вардар ја впиша својата четврта победа во низа, совладувајќи го Работнички со 3-1 на Градски, во јубилејното 100-то градско дерби. Натпреварот беше токму онака како што прилега на дерби што носи толку тежина и историја на ова ривалство, исполнет со драма, исклучување, спорни моменти и големи емоции.

“Романтичарите” влегоа во мечот агресивно и уште во 7-та минута поведоа преку Имери, кој по асистенција на Трајков ладнокрвно го совлада Талески. Работнички доби самодоверба, а голманот Василев со серија одбрани ги одржуваше гостите во водство, запирајќи удари од Данев, Мато и Бабунски.

Сепак, крајот на првото полувреме ја смени сликата. Во 40-та минута судијата Стојчевски досуди пенал за игра со рака на Демири. Одлуката беше потврдена и по ВАР проверка иако остана контроверзна. Одговорноста ја презеде новото засилување Давид Бабунски кој со прецизен удар го постигна својот прв гол за Вардар и израмни на 1-1.

Второто полувреме целосно му припадна на Вардар. Во 56-та минута Работнички остана без својот капитен Демири кој заработи втор жолт картон поради груб старт. Само две минути подоцна Вардар ја искористи бројчаната предност. Кастанеда беше најснаодлив во мешаницата пред голот и ја смести топката во мрежата за пресврт и водство од 2-1.

Во 69-та минута следеше мајсторија на Мато, кој со прецизен удар ја потврди доминацијата и го постави конечниот резултат 3-1.

Со оваа победа, избраниците на Гоце Седлоски ја продолжија победничката низа и барем до комплетирањето на колото остануваат лидери во ПМФЛ со 19 бода. Работнички пак, останува во долниот дел од табелата со само четири освоени бода и сериозни проблеми во резултатската форма.

На висина на задачата беа и домашните навивачи, кои ја кренаа атмосферата и на трибините, носејќи го својот клуб кон победата. Комитите уште еднаш направија кореографија која е за поздравување, а време е трибините на сите натпревари од македонската лига да бидат исполнети за полека да се врати фудбалската еуфорија кај македонската спортска јавност.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено