5.8 C
Skopje

Дали Макс Верстапен се врати во трката за титулата?

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Двете последователни победи на четирикратниот шампион Макс Верстапен и лошиот викенд на Мекларен во Баку ги разгореа дебатите за дали Холанѓанецот е повторно во трка за титулата.

Откако и шефот на механичарите на Мекларен, Андреа Стела, после саботните квалификации даде изјава дека Верстапен не треба да се отпише како кандидат за освојување на шампионатот, многумина почнаа да прават калкулации.

“Тој е Макс Верстапен, светски шампион во последните четири години, во брз болид. Секако дека мислам дека е во игра за титулата”, изјави Стела.

Но, можеби ваквите изјави се насочени кон мотивација на сопствените возачи и тим, кои почнаа да стануваат премногу удобни со идејата дека веќе се добитници на трофеите. Иако кај механичарите веќе со сигурност титулата ќе припадне кај Мекларен, сепак интерната трка меѓу Оскар Пијастри и Ландо Норис и тоа како е во игра.

Нашето мислење е дека колку и да е добар Макс, сепак ваквите резултати на Ред Бул се малку задоцнети. Иако има теоретски шанси и Верстапен е возач кој досега во многу наврати покажал дека има менталитет да направи работи кои многумина ги сметаат за невозможни, сепак со само седум трки до крајот изгледа како да снемува време за сензација.

Ова беше лош викенд за Мекларен, но многу малку е веројатно дека ваквите лоши трки ќе продолжат до крајот на сезоната. Макс сега заостанува 69 поени зад лидерот на табелата, Оскар Пијастри, но за тој да го помине на табелата ќе треба Пијастри и Норис до крајот да направат уште многу грешки.

Не се исклучува можноста двајцата шофери на Мекларен да грешат во меѓусебната трка за трофејот кој и за двајцата би бил прв, но сигурно после катастрофалниот викенд во кој Пијастри не ја заврши трката, а Норис заврши седми, сега тимот ќе се фокусира на следните трки. Секако, притисокот до крајот само ќе расне, а возачите ќе треба да останат фокусирани доколку не сакаат да завршат во бариерите или во меѓусебни судири.

На Верстапен би му помогнало доколку Џорџ Расел со Мерцедес успее да одземе некој од бодовите на возачите на Мекларен, па дури и Ферари.

Самиот Верстапен изјави дека не размислува многу на тоа: “Не се потпирам на надеж. Но со седум останати трки, 69 поени се многу. Искрено не размислувам за тоа. Одам од трка во трка, како што го правам тоа цела сезона”, изјави актуелниот шампион. “После Абу Даби ќе знаеме”, низ шега додаде Верстапен.

Еден од највлијателните луѓе во Ред Бул, Хелмут Марко, додаде на целата драма околу трката по петтата шампионска титула: “Сингапур ќе биде преломната точка. Ако сме конкурентни таму, тогаш ќе може да почнеме да сонуваме”.

Соништата не се невозможни, но сепак според нас, пресудниот момент сезонава беше кога Макс не ја заврши трката по грешката на младиот Кими Антонели кој се судри во него уште во првиот круг на трката во Австрија. Доколку не се случеше тоа, најверојатно во овој момент од сезоната Верстапен и тоа како ќе претставуваше закана за возачите на Мекларен. Тој уште еднаш докажа зошто е еден од најдобрите возачи во историјата на спортот, но дали ќе успее да го направи невозможното, овој пат нема да зависи само од него, туку и од грешките на неговите ривали.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено