Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев, започнува ново поглавје во својата интернационална кариера. По една сезона во Турција, најдобриот македонски одбојкар се реши за нов предизвик и оваа година ќе ги брани боите на романскиот гигант Рапид Букурешт.
Ѓоргиев веќе неколку недели е во Букурешт и вели дека адаптацијата поминала одлично. Подготовките започнаа на планина, а сега тимот ја продолжува работата во главниот град на Романија. Дел од играчите сè уште ги нема поради репрезентативни обврски, но капитенот очекува составот наскоро да биде комплетен за да започне најважната фаза, разигрувањето пред стартот на првенството.

“Одлично се адаптирам во клубот и во новата средина. Се приклучив на екипата на стартот на подготовките на планина и по две седмици минати таму, сега сме во Букурешт каде продолжуваме со работа”, изјави Никола Ѓоргиев.
Тој најавува дека до 18 октомври, кога е предвидено првото коло во романската лига, екипата ќе одигра неколку силни контролни турнири. Според неговите зборови, организацијата и условите во клубот се на највисоко ниво, а атмосферата во тимот му дава дополнителна сигурност дека оваа сезона може да биде успешна.
“Имаме одлични услови за работа, фантастична организација и атмосфера има во клубот и верувам дека ги имаме сите предуслови за добра и успешна сезона”, додаде тој.
За Ѓоргиев, ова е ново поглавје во богата интернационална приказна. Роден во Струмица, каде што ги направи првите чекори во одбојката, тој досега настапуваше во Србија, Италија, Турција, Франција, Јапонија, Германија и Словенија. Сега, со дресот на Рапид, македонскиот капитен има шанса повторно да покаже зошто важи за еден од најдобрите коректори во Европа.



