Вардар доби ново засилување на левото крило. По неколку дена тренинзи со тимот, клубот официјално го претстави Жуниор Тузолана, 30-годишниот Французин висок 187 сантиметри, кој ќе го пополни местото оставено празно по повредата и операцијата на Махамаду Кеита.
Тузолана потпиша договор до крајот на полусезоната, со можност за продолжување на соработката и до крајот на тековната натпреварувачка година. Во Скопје доаѓа од екипата на Сесон, каде што настапуваше во последните четири сезони.
Искусниот Французин својата кариера ја започна во Понто-Комбо, а потоа играше за Истр и неколку години беше дел од познатиот Нант. Минатата сезона во француското првенство одигра 24 натпревари и постигна 49 гола, со што уште еднаш ја потврди својата константност и искуство на крилната позиција.
Со неговото доаѓање, Вардар добива важно офанзивно оружје за предизвиците што претстојат, а навивачите со нетрпение ќе чекаат да го видат на дело во “црвено-црниот” дрес.



