Арсенал добива голем поттик за иднината, откако според реномираниот “The Athletic” денес централниот дефанзивец Вилијам Салиба постигна договор за нов петгодишен договор со клубот. Се очекува официјалното потпишување да се случи во наредните денови.
Францускиот репрезентативец, кој има 24 години, важеше за цел на Реал Мадрид, но уште во март истакна дека е среќен во северен Лондон и дека сака да освојува трофеи со Арсенал. Последното значајно одличје на “топџиите” е ФА Купот во 2020 година.
Преговорите започнаа уште во мај, кога клубот го отвори процесот за продолжување на соработката по 2027 година. Салиба веќе три сезони е еден од најважните столбови во тимот на Микел Артета, со својата стабилност и доминација во одбраната. Минатата сезона настапи на 51 натпревар, а Арсенал заврши втор во Премиер лигата и стигна до полуфиналето во Лигата на шампионите.
Салиба пристигна во Арсенал во 2019 година од Сент-Етјен, но неколку сезони минуваше на позајмици во Франција, во Ница и Олимпик Марсеј, пред конечно да се етаблира како лидер во одбранбената линија на “топџиите”.
Во последните месеци клубот успеа да ги задржи и другите клучни играчи – Габриел, Леандро Тросар, како и младите таленти Итан Нванери и Мајлс Луис-Скели.



