Италијанскиот тенисер Јаник Синер без некои особени проблеми успеа да дојде до трофејот на Отвореното првенство во Кина, откако рано утрово го совлада американскиот тинејџер Лернер Тјен во Пекинг.
Со победата од 6-2, 6-2, Синер дојде до втората титула во Кина во три години и успеа да се врати на победничкиот пат откако претходно изгуби во четири од пет финалиња на АТП турнирите од ривалот Карлос Алкараз.
“Благодарам на Тјен за одличната игра, низ целата сезона покажа дека си голем талент. На мојот тим им се заблагодарувам за целата работа што ја прават за мене. Јас имам многу искрени луѓе околу мене. Ќе се обидеме да се подобриме и да се трудиме. Па, ќе видиме како ќе изгледа крајот на сезоната”, изјави Италијанецот после победата.
Алкараз кој му го презеде првото место на Синер после победата на УС Опен, вчера го освои турнирот во Токио, но мораше да се повлече од претстојниот турнир во Шангај, каде Синер ќе отпатува следно.
Ова е 21 титула на Синер во кариерата, од кои 18 се на тврда подлога, една на земја и две на трева.