Во ера кога фудбалот сè повеќе е под влијание на глобалните пазари, договорите за стриминг вредни милијарди и пренатрупаните календари, ФИФА Светскиот куп за клубови требаше да биде следниот голем настан. Поголем од стариот формат со седум клубови. Поголем од континенталните титули. Турнир со 32 екипи што ќе ја имитира магијата на Мундијалите. Но, зад сето тоа се крие едно едноставно прашање: дали некому навистина му е гајле за ова случување?
Милијардерскиот експеримент кој никој не го побара
Кога ФИФА го потврди новиот формат на турнир со 32 екипи, со големи амбиции го претстави тоа како фудбалска револуција – можност за глобална промоција на тимовите, континентална застапеност и лето исполнето со елитни натпревари меѓу најдобрите од сите континенти. Но зад сите промотивни видеа и бајки за медиумите, се крие една едноставна вистина – поголемиот дел од фудбалскиот свет, особено во Европа, не го пречека ова со големо воодушевување.
“Нема простор за овој турнир”, изјави Клаус Томсен, директорот на Светскиот форум за фудбалски лиги, чиј член е и Премиер Лигата. “Ова е натпревар создаден за пари, а не за фудбалот”.
Оваа изјава одекнува низ стадионите и медија центрите особено ширум Европа. За критичарите, овој турнир не е славење на глобалната игра – ова е машина за создавање содржина за правење пари. Вештачки создаден мега настан првенствено за зголемување на приходите на ФИФА и нејзиното влијание, наместо за крунисување на најдобрите светски клубови. Договорот од милијарда евра со “DAZN” ја испраќа токму таа порака – ова е настан првенствено за забава, додека спортот е во втор план.
Загриженоста на тренерите, колапс на календарите
На терените, последиците се појасни. Тренерите како Томас Тухел и Пеп Гвардиола веќе ја изразија загриженоста за истрошеноста на играчите во период што вообичаено е резервиран за одмор и рехабилитација. Светската унија на играчите “FIFPRO” изрази сериозна загриженост за прекумерно заморување на играчите и последиците кои ќе произлезат од тоа. Европските лиги веќе разговараа и за преземање на правни акции за да го спречат одржувањето на турнирот.
Во фудбалскиот календар кој и онака веќе е пренатрупан со интернационални натпревари, домашни лиги, Европски купови и сега и Лигата на Нации, воведувањето на Светскиот куп за клубови едноставно изгледа само како уште еден товар.
А клубовите? Некои се подготвуваат неволно. Други пак, како Реал Мадрид и Манчестер Сити ја гледаат шансата за зајакнување на брендот, но по скапа цена.
Како што изјави еден поранешен тренер од Серија А лигата: “Ги тераме играчите да ги поместат границите на своите можности за трофеј за кој не сонувале да го освојат”.
Навивачите изгледа дека стојат овој пат на страна на клубовите и нивните херои. Продажбата на картите за отворањето на турнирот не оди според планираното, па неодамна излезе информацијата дека досега се продадени помалку од 25.000 билети. Страсните Европски навивачи не се подготвени да патуваат до САД за да ги гледаат натпреварите, а заинтересираноста на домашната публика за фудбалот не е во рамките на онаа за Супер Боул или бејзбол лигите.
7️⃣ DAYS TO GO UNTIL OUR FIRST #FIFACWC MATCH!
🆚 Al Hilal
📺 Watch every FIFA Club World Cup 2025 game LIVE, on @DaznFutbol!#TakeItToTheWorld pic.twitter.com/ZsEL3Mb268— Real Madrid C.F. 🇬🇧🇺🇸 (@realmadriden) June 11, 2025
Од Јужна Африка до Сиетл: Сцена за заборавените?
Сепак, не би било фер веднаш да го отпишеме Купот како целосно бездушен. Клубовите како Ал Ахли, Оукленд Сити или Тигрес кои често се наоѓаат во сенка на гламурозните европски натпреварувања сега ќе добијат ретка можност за промоција. За фановите во Казабланка или Сеул, навистина ќе значи да ги видат своите тимови како се спротивставуваат на гигантите како Баерн Минхен или Челси.
И тука лежи целата контрадикторност на ова натпреварување. За некои турнирот е чист циркуз, за други пак остварување на нивниот сон.
Бразилските медиуми на пример, го нарекоа ова натпреварување можност за менување на нарацијата дека фудбалерите од светска класа доаѓаат само од елитните УЕФА клубови. Но, дали овие приказни ќе успеат да се пробијат, останува само да видиме.
¡𝗖𝗼𝗻𝗳𝗶𝗮𝗻𝘇𝗮 𝘁𝗼𝘁𝗮𝗹, 𝘃𝗮𝗺𝗼𝘀 𝗹𝗼𝘀 𝗧𝗶𝗴𝗿𝗲𝘀! 👊🏼🐯 pic.twitter.com/2qhHbK5rDm
— Club Tigres 🐯 (@TigresOficial) May 17, 2025
Мики Маус Куп или Заспан џин?
На фудбалските форуми, Редит разговорите и навивачките поткасти, чувствата за турнирот се измешани. Некои го нарекуваат “Мики Маус Куп”, Супер лига само со друга маска. Други пак, веруваат дека проширениот формат ќе му даде шанса за борба на Купот да прерасне во нешто поголемо, почитувано, па дури и легендарно со текот на времето.
Она што е јасно е дека престижот не може да биде купен. Мора да биде заслужен преку легендарни голови, контраверзни моменти и незаборавни финалиња. Тоа наследство бара време, некогаш декади, а не само еден светкав турнир маскиран во ПР приказните. Сега за сега, Светскиот Клупски Куп го нема постигнато тоа. Сè уште.
Последниот свиреж
Како што се наближува отворањето на Купот, кој ќе се одржи на територија на САД со 32 клубови кои ќе учествуваат и преку 100 нации кои ќе го гледаат, сега е пресудниот момент за Светскиот куп на клубовите. Или ќе стане глобален дијамант во фудбалската круна или ќе стане уште еден напумпан обид за сензационализам во и онака претрупаниот календар.
За сега, останува како турнир без душа и идентитет. Милијарди вредна забава за која само неколкумина вистински се радуваат што се поканети. Затоа што во фудбалот пасијата не може да се произведе, мора да се доживее. А, најголемите трофеи, од Мундијалите до Лигата на шампионите, не се родени од договори за стриминг услуги. Тие се оковани од славата, незаборавните моменти кои ќе ги паметиме засекогаш и што е најважно, од времето.
А Светскиот клупски куп допрва треба го заслужи своето место и да нè убеди дека е вреден за тие спомени.