11.8 C
Skopje

Наследничката на Серена Вилијамс, Коко Гоф, го освои Вухан

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Американската тенисерка Коко Гоф денес го освој трофејот на Мастерсот во Вухан, откако ја совлада својата сонародничка Џесика Пегула со 6-4, 7-5, и на тој начин ја продолжи својата неверојатна низа на девет победи во девет финалиња на тврда подлога.

На само 21 година, Гоф изгледа како играчка што ја наследува енергијата на Серена Вилијамс. Исто како неа, таа владее на тврдите подлоги со комбинација на сила и ментална стабилност. Во Вухан не изгуби ниту еден сет во пет натпревари, а титулата ја освои со неверојатна смиреност, иако во вториот сет губеше со 0-3. Со десет освоени поени во низа, ја презеде контролата и ја заврши работата за 1 час и 42 минути.

Триумфот во Вухан е нејзин 11-ти трофеј во кариерата, меѓу кои има три ВТА 1000 титули и два Гренд слема. Таа стана првата тенисерка во историјата на Отворената ера што ја започнала кариерата со биланс 9-0 во финалиња на терени со тврда подлога. Гоф исто така стана и првата шампионка на Вухан од 2014 година која ја освои титулата без да загуби сет, и тоа со најмал број загубени гејмови (само 25).

Во својот говор по натпреварот, Гоф се пошегува со својата противничка:
“Ти си кралицата на мечевите во три сета”, ѝ рече на Пегула. “Па затоа денес бев решена да не дојдеме до третиот, бидејќи таму шансите би биле на твоја страна”.

Од соработката со експертот за биомеханика Гавин МакМилан, кој ѝ го усоврши сервисот, до психолошката зрелост на теренот, Коко Гоф ја претвори секоја слабост во оружје. Во полуфиналето против Паолини покажа дека сè уште има простор за напредок, но и дека знае да победува дури и кога не игра совршено.

Со оваа победа, Гоф се доближи уште повеќе до втората позиција на ВТА ранг-листата и нејзината најголема ривалка, полската тенисерка Ига Швјонтек. Новите 610 поени ја доведоа до 7.873, со што ја намали разликата на само 895 поени. Иако нема да може да ја престигне пред крајот на сезоната, разликата што ја намали говори за нешто поголемо и новата рамнотежа на врвот на женскиот тенис.

И двете ќе ја завршат сезоната на завршниот турнир во Ријад, каде што Гоф ќе се обиде да ја одбрани титулата и 1.300 поени од минатата година. Единствен начин да напредува е со перфектна одбрана и уште еден совршен турнир, со што ќе се обиде да ја заокружи совршена година.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено