Светската куќа на фудбалот (ФИФА) е во центарот на нов, огромен скандал, откако илјадници навивачи ја обвинија за измама поврзана со продажбата на билети за Светското првенство во 2026 година. Проблемот настана откако ФИФА, преку својата платформа “FIFA Collect”, со месеци продаваше дигитални токени наречени “Право да се купи билет” (Right To Buy – RTB), ветувајќи им на купувачите сигурен влез до картите.
Сепак, пред неколку дена, навивачите дознаа дека со овие токени, за кои платиле стотици, па и илјадници долари, ќе можат да ги купат само најскапите билети од прва и втора категорија, потег што го нарекоа “ограбување” и “чиста измама”.
Како функционираше измамата?
ФИФА, во соработка со крипто-партнерот “Modex”, продаваше токени кои чинеа од неколку стотици до неколку илјади долари, во зависност од натпреварот. Овие токени не беа билет, туку само ветување дека нивниот сопственик ќе може да купи билет по “редовна” цена, без да учествува во лотарија.
“Целата поента беше да се добие пристап до билети по нормална цена во поевтините категории”, изјави еден од измамените навивачи за “The Athletic”.
Шокот: 98% од билетите се од најскапите категории
Пред неколку дена, ФИФА конечно ги откри картите. Се покажа дека дури 70% од билетите достапни преку овие токени се од прва категорија (најскапата), 28% од втора, а само 2% од трета. Најевтините билети од четврта категорија воопшто не се достапни.
Ова значи дека навивач кој платил, на пример, 1.000 долари за “право да купи билет” за првиот натпревар на САД, сега ќе мора да доплати уште 2.735 долари за најскапиот билет. “Да ги знаев овие проценти, никогаш немаше да купам”, велат навивачите.
Реакциите: “Денес се чувствувам измамено”
Оваа одлука предизвика бес на социјалните мрежи.
“Денес се чувствувам измамено”, е парафразата на познатата изјава на Инфантино, која стана најпопуларен коментар. “Тие платија илјадници за сигурен билет, очекувајќи да ги избегнат препродавачите. На крајот, ФИФА самата стана препродавач“, гласи една од анализите.
Целата ситуација е само уште еден доказ за незапирливата алчност на ФИФА, која, во обид да го максимизира профитот, уште еднаш ги стави навивачите на последно место.