Македонската кошаркарска репрезентација добива значајно засилување пред стартот на претквалификациите за Евробаскетот 2029. Искусното крило Адем Мекиќ, кој поради повреда ги пропушти претходните дуели со Романија и Унгарија, сега е целосно подготвен и мотивиран за дуелот со Азербејџан.
Мекиќ верува дека овој ростер, засилен со повратниците, има поголем квалитет од оној во летниот период.
Спој на младост и искуство
„Имаме играчи како Војдан Стојановски, Стојан Ѓуроски, тука е и Андреј Јакимовски. Сигурно на хартија сме подобра, поискусна и подоминантна екипа од што бевме летоска“, изјави Мекиќ, додавајќи дека очекува позитивни резултати.
Домашниот терен е клуч
За натпреварот против Азербејџан (четврток, 19:00 часот, СРЦ Кале), Мекиќ смета дека пресуден фактор нема да биде тактиката, туку енергијата.
„Овој циклус е таков каде нема многу време за тактика. Ќе одлучува тимската хемија и енергијата. Првиот меч го играме дома, тоа е голем плус за нас“, истакна репрезентативецот.
За противникот, тој додаде дека информациите говорат за екипа која игра „цврста кошарка“, но верува дека стручниот штаб ќе го подготви тимот за предизвикот.




