АФКОН Преглед: Сенегал моќен и со 10 играчи, Нигерија без грешка!

Објавено:

Возбудувањата на Африканскиот Куп на Нации (АФКОН) во Мароко продолжуваат со полна пареа. Денешната програма донесе расплет во групите Ц и Д, каде фаворитите главно ја оправдаа својата улога, но не помина без драма и црвени картони.

Група Д: Шампионски Сенегал и танцот на Какута

Актуелниот владетел на Африка, Сенегал, уште еднаш покажа мускули. Иако играа со играч помалку во последните 20-тина минути по црвениот картон на капитенот Калиду Кулибали (71′), „Лавовите од Теранга“ го декласираа Бенин со 3-0.

Абдулаје Сек ја отвори серијата, Хабиб Диало зголеми, а точка на натпреварот стави Шериф Ндиаје од пенал во длабокото судиско надополнување (90+7′). Сенегалците делуваат застрашувачки и подготвени да ја одбранат титулата.

Во исто време, ДР Конго го завери второто место во групата со лесна победа од 3-0 против Боцвана. Прво име на натпреварот беше Гаел Какута. Поранешниот играч на Челси и Севиља одигра „докторски“: прво асистираше со пета за Мбуку, а потоа самиот постигна два гола (еден од пенал). ДР Конго сега ги чека тежок испит во осминафиналето – дуел со Алжир.

Група Ц: „Супер Орлите“ без милост, Тунис преживеа

Во нашата „омилена“ група (поради вардарецот Мато), Нигерија покажа зошто е еден од главните фаворити за трофејот. Со комбиниран состав, „Супер Орлите“ ја совладаа Уганда со 3-1 и групната фаза ја завршија со максимални 9 бода.

Херој на Нигеријците беше Рафаел Оњедика со два гола, додека еден додаде високиот Пол Онуачу. За Уганда, како што веќе пишавме, почесниот гол беше дело на фудбалерот на Вардар, Роџерс Мато.

Најдраматично беше во Рабат, каде Тунис и Танзанија одиграа 1-1. Тунижаните поведоа преку пеналот на талентираниот Исмаел Гарби (43′), но Танзанија не се предаде и израмни преку Фејсал Салум (48′).

Овој бод беше златен за „Картагинските орли“ кои го освоија второто место и патуваат во нокаут фазата, додека Танзанија со 2 бода ќе чека расплет во другите групи за да види дали ќе влезе како една од најдобрите третопласирани селекции.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено