Во досега невидена одлука во историјата на африканскиот фудбал, Апелациониот одбор на Конфедерацијата на африканскиот фудбал (КАФ) официјално ја поништи победата на Сенегал во финалето на Африканскиот куп на нации (АФКОН) 2025 и го прогласи домаќинот Мароко за нов континентален шампион!
Оваа шокантна одлука доаѓа како директна последица на хаотичните сцени кои се случија за време на финалниот натпревар во Рабат на 18-ти јануари.
Протестот кој ја чинеше титула генерацијата на Мане
Корените на оваа историска контроверзија лежат во судиското продолжение од регуларниот дел на финалето. По еден контакт врз Брахим Дијаз, судијата по прегледување на ВАР-снимката досуди пенал за Мароко. Ова предизвика вистинска бура кај Сенегалците, а нивниот селектор Папе Тиав им нареди на своите фудбалери да го напуштат теренот во знак на протест.
Единствен кој остана на тревникот беше капитенот Садио Мане, кој по околу 15 минути прекината игра успеа да ги убеди своите соиграчи да се вратат и да го доиграат натпреварот. Дијаз го промаши пеналот (со неуспешен обид за „Паненка“), а Сенегал во продолженијата преку Папе Геје стигна до победа од 1:0 и шампионскиот трофеј.
Но, правдата, според правилата на КАФ, имаше поинаков план.
Службени 3:0 и прослава за Мароко
По поднесената жалба од Фудбалската федерација на Мароко, Апелациониот одбор утврди дека однесувањето на сенегалската репрезентација (напуштањето на теренот) претставува грубо кршење на членовите 82 и 84 од правилникот на турнирот.
Во официјалното соопштение на КАФ стои дека жалбата на Мароко е целосно прифатена, додека претходните (поблаги) санкции на Дисциплинската комисија се отфрлени. Според правилата, натпреварот е регистриран со службени 3:0 во корист на Мароко, со што домаќините ја освојуваат својата втора АФКОН титула во историјата (прва по далечната 1976 година).

Дополнително, КАФ ги намали или отфрли дел од паричните казни изречени кон Мароко поврзани со инцидентите со собирачите на топки и користењето ласери од трибините.
Сè уште не е познато дали Сенегал има право на нова жалба или правна битка за да го задржи трофејот кој смета дека го освоил на зелениот терен, но за сега, Африка има нов фудбалски владетел.



