Светот на фудбалот од денеска гледа кон Рабат. По долги подготовки, политички игри и промени во календарот, 35-тото издание на Африканскиот куп на нации (АФКОН) конечно започнува.
Иако фудбалската јавност е навикната да го гледа африканскиот спектакл во ‘зимски услови’, овогодинешното издание носи новитет. Додека традиционално турнирот се одржуваше во јануари и февруари, ова е првпат АФКОН да се игра во т.н. „празничен термин“ – од крајот на декември до средината на јануари. Оваа промена, предизвикана од згуснатиот календар на ФИФА и проширеното Светско првенство закажано за летото, значи дека Африка ќе игра фудбал токму за време на христијанскиот Божиќ и Нова година, нешто што досега не беше практика.
Честа да ја кренат завесата на стадионот „Принц Мулај Абдела“ во Рабат ја имаат домаќинот Мароко и селекцијата на Комори.
A thing of beauty. The spotlight’s on in hours. 🏟️
— TotalEnergies AFCON 2025 (@CAF_Online) December 20, 2025
Complexe Sportif Prince Moulay Abdellah is all set for the #TotalEnergiesAFCON2025 opening. 🇲🇦🇰🇲 pic.twitter.com/XF2MR8tdF4
Мароко: „Златната генерација“ мора да испорача злато
За „Атласките лавови“, ова е многу повеќе од обичен турнир. Ова е момент на вистината. По историскиот успех на Светското првенство во Катар 2022 (полуфинале), очекувањата на домашната јавност се огромни. Мароко ја нема освоено континенталната титула уште од далечната 1976 година – пост кој трае речиси половина век.
Селекторот Валид Реграги е свесен за притисокот.
„Работиме на ова две години. Ова ќе биде голем ден, дома. Нашата цел отсекогаш била да го освоиме АФКОН и ќе дадеме сè од себе,“ изјави Реграги.
Сепак, подготовките не поминаа без проблеми. Ѕвездата на ПСЖ, Ашраф Хакими, се мачеше со повреди во подготвителниот период, па неговиот настап на отворањето е под знак прашалник. Реграги најави дека нема да ризикува ако десниот бек не е 100% подготвен, потпирајќи се на широчината на составот во кој се наоѓаат и имиња како Ен-Несири, Зијеш и Агуерд.
Комори: Од „палми и плажи“ до фудбалска сензација
Од другата страна, Комори пристигнуваат како аутсајдери, но со јасна амбиција да не бидат само декор. Оваа мала островска земја веќе еднаш го шокираше светот во 2021 година кога стигна до осминафиналето. Селекторот Стефано Кузин верува во ново чудо.
„Мароко е исклучително силен, со или без Хакими. Ние го бараме вистинскиот баланс помеѓу одбраната и нападот. За нас, да играме на отворањето е гордост и шанса да покажеме дека нашиот фудбал расте,“ вели Кузин.
За Комори, клучот ќе биде во дисциплината и контра-нападите, обидувајќи се да ја искористат евентуалната нервоза на домаќинот во првите минути.
Рекордни награди: Победникот носи дома 10 милиони долари!
Непосредно пред почетокот на турнирот, претседателот на КАФ, д-р Патрис Мотсепе, објави вест која дополнително ги мотивираше учесниците. Наградниот фонд е зголемен за 43% во однос на претходното издание во Брегот на Слоновата Коска. Новиот шампион на Африка ќе инкасира неверојатни 10 милиони долари, додека финалистот ќе добие 4 милиони. Ова е огромен скок во споредба со 2021 година, кога наградата изнесуваше „само“ 5 милиони.
„ITRI“ и „ASSAD“ – симболите на турнирот
Овогодинешниот турнир ќе се игра со новата топка на Пума наречена „ITRI“ (што значи „ѕвезда“ на берберски јазик), дизајнирана со живописни бои кои ја слават мароканската култура. Официјалната маскота е „ASSAD“, берберски лав, кој веќе ги освои срцата на најмладите навивачи низ улиците на Рабат.
Рабат живее за фудбал
Атмосферата во Рабат е електрична. Градот е преплавен со навивачи од целиот континент, а локалните власти се погрижија организацијата да биде на највисоко ниво. Плоштадите се претворени во зони за забава, каде навивачите разменуваат песни и знамиња, создавајќи вистински фудбалски карневал.
Натпреварот започнува во 20:00 часот по локално време.



