Алкараз е повреден, но Шпанија има друг Рафа како адут за Вимблдон!

 

Објавено:

Доколку пред само 12 месеци некој ви кажеше името Рафаел Ходар, веројатно немаше да знаете за кого станува збор. И тоа со добра причина. Овој 19-годишен шпански тинејџер минатата година се наоѓаше надвор од најдобрите 800 тенисери на светот, без ниту еден изигран меч на главната АТП турнеја или на некој Гренд слем турнир.

Денес? Денес тој пристигнува во Лондон како 23-ти тенисер на светот, веднаш по неговото историско четвртфинале на Ролан Гарос, каде стана само петтиот играч во овој век кој стигнал до оваа фаза при своето деби во Париз (неговиот поход беше запрен дури од актуелниот шампион Александар Зверев). Иако кратко се калеше во американскиот колеџ-систем, Ходар стана професионалец дури минатата година, а веќе во април годинава ја освои својата прва АТП титула во Маракеш, докажувајќи дека е роден за големи нешта.

Врската со Надал: Името е традиција, но идолот е еден

Следната станица во неговата дебитантска сезона е најпрестижниот турнир на светот – Вимблдон (кој стартува на 29 јуни), каде Ходар ќе настапи како носител. Името веднаш буди асоцијации на неговиот славен сонародник Рафаел Надал, кој токму на ова место во 2008 година го одигра оној епски меч против Федерер. Иако Ходар го носи името како семејна традиција (така се викаат и неговиот татко и дедо), тој не крие кој му е најголема инспирација.

„Рафа за мене е модел за однесување уште од кога бев дете, не само во тенисот туку и општо во животот. Тој е супер скромен човек“, открива Ходар. „Кога имав шанса да разговарам со него, тој беше прекрасен и ми даде неколку драгоцени совети. Бескрајно сум му благодарен за сè што направи за шпанскиот спорт“.

Кралот на притисокот: Статистика која влева страв

Ходар се повлече од турнирот во Квинс поради полесна повреда на стомачните мускули и досега нема одиграно официјален АТП меч на трева. Но, неговото минато на оваа подлога во јуниорска конкуренција (ИТФ) е застрашувачко – има 90% успешност (9 победи од 10 меча) и титула во Рохамптон.

Она што навистина ги плаши противниците е неговата ментална сила и агресивната игра од основната линија. Иако е тинејџер, статистиката вели дека тој е апсолутен „убиец“ во клучните моменти. На ритерн, Ходар освојува 34% од поените на противничкиот прв сервис, оставајќи го зад себе дури и Јаник Синер.

Кога се во прашање брејк топки, тој е втор на целата АТП турнеја по реализација со брутални 44.7%, што е подобар учинок дури и од оној на Карлос Алкараз. Неговата игра под притисок исто така влева страв – АТП рејтингот во оваа категорија (комбинација од спасени и реализирани брејк топки, освоени тај-брејкови и решавачки сетови) е подобар од дури петмина тенисери кои се наоѓаат во Топ 10 на светот!

Со оглед на тоа што Карлос Алкараз ќе го пропушти овогодинешниот Вимблдон поради повреда на зглобот на раката, сите очи на шпанската јавност сега се вперени кон новото чудо од дете.

„Тенисот е еден од најпопуларните спортови во Шпанија. Да се биде млад играч кој бележи одлични резултати на турнејата е навистина кул. Секој што сака слика или автограм, секогаш ќе го добие од мене“, порачува скромно, но самоуверено новата ѕвезда пред најголемиот предизвик (досега) во кариерата.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено