Карлос Алкараз продолжува да пишува историја. Првиот светски рекет за првпат во својата кариера обезбеди пласман во полуфиналето на Австралија Опен, откако денес го совлада домашниот миленик Алекс де Минор со убедливи 7-5, 6-2, 6-1. Шпанецот покажа застрашувачка форма и испрати јасна порака до ривалите дека е подготвен за комплетирање на кариерниот Гренд Слем на само 22 години.
Магија на мрежа и челични нерви
Натпреварот започна со фуриозно темпо, а Шпанецот првиот сет го доби за само 2 минути игра. Алкараз веднаш покажа зошто е највозбудливиот играч на денешницата, доминирајќи на мрежа со неверојатна реализација од 18/22. Иако Де Минор, бодрен од преполната „Род Лејвер Арена“, успеа да се врати од негатива во првиот сет и да израмни на 5-5, Алкараз остана смирен.
Клучниот момент се случи во 12-от гем од првиот сет, кога по една маратонска размена од 16 удари, Алкараз ја искористи четвртата сет-топка и го скрши отпорот на популарниот „Демон“.
Без Фереро, но со уште поголема моќ
Овој турнир е специфичен за Алкараз бидејќи за првпат настапува по изненадувачкиот прекин на соработката со долгогодишниот тренер Хуан Карлос Фереро. Сепак, тоа не се одразува на неговата игра.
„Среќен сум со моето ниво. Секој меч играм сè подобро. Во првиот сет малку избрзував, сакав сè одеднаш, но застанав, зедов здив и ментално се вратив во игра“, изјави Алкараз по победата.
За Де Минор, ова беше уште еден болен пораз во четвртфинале на Грен слем (сега има скор 0-6 во оваа фаза). Иако Австралиецот не загуби од послабо рангиран играч на овој турнир, Алкараз едноставно е „друга димензија“.
Време е за одмазда: Зверев е следната пречка!
Сега Алкараз е на само две победи до остварување на сонот – да стане најмладиот играч во историјата кој ги освоил сите четири Грен слем турнири. Но, патот до финалето води преку Александар Зверев.
Германецот го елиминираше Алкараз во Мелбурн во 2024 година, а исто така славеше и во нивниот неофицијален тренинг-сет пред почетокот на овој турнир.
„Знам дека Саша игра одличен тенис, агресивен е и сервира неверојатно. Морам тактички да бидам перфектен. Со нетрпение го чекам мечот, сакам одмазда!“, порача Карлитос со својата препознатлива насмевка.



