Денешното финале на турнирот во Синсинати заврши неочекувано откако Јаник Синер мораше да се повлече од натпреварот при резултат од 0-5 во првиот сет, со што Карлос Алкараз стана шампион.
Иако се стравуваше дека се работи за физичка повреда, сепак најверојатно станува збор за болест, па сите се надеваат дека Италијанецот ќе се чувствува подобро во наредните денови, навреме за турнирот во Њујорк.
По мечот, Синер најпрво им се извини на навивачите, а потоа му ја честиташе победата на Алкараз: “Најчесто започнувам со мојот противник, но денес ќе започнам со вас. Многу ми е жал што ве разочарав. Уште од вчера не се чувствував најдобро, но мислевме дека ситуацијата ќе се подобри во текот на ноќта. За жал, само се влоши”.

“Се обидов да излезам на теренот и барем да одиграм мал меч, но сепак не можев да издржам повеќе. Многу ми е жал за сите вас. Знам дека некои од вас дојдовте тука да нè гледате во понеделник, можеби кога имате работа или други обврски, па навистина ми е жал. Секако, честитки и за Карлос. Уште една титула. Не е начинот на кој сакаше да победиш, но неверојатно е каква сезона имаш и сè што правиш. Ти и целиот твој тим работите неверојатно. Само продолжете така. Ви посакувам успех и на УС Опен и во остатокот од сезоната”, додаде светскиот тенисер број еден, Јаник Синер.
И Карлос Алкараз се обрати пред публиката по добивањето на пехарот во Синсинати.
“Како што кажа Јаник, ова не е начинот на кој сакав да победам или да освојам трофеј. Морам да кажам е дека ми е жал. Знам и разбирам како се чувствуваш во моментов. Сè што можам да кажам, како што сум кажал и безброј пати претходно, ти си шампион! Сигурен сум дека ќе излезеш од оваа ситуација уште подобар и посилен. Како што правиш секогаш. Тоа го прават вистинските шампиони, а ти навистина си еден од нив. Жал ми е и врати се посилен”, емотивен беше Шпанецот.

Карлос по натпреварот се огласи и на социјалните мрежи: “Навистина ми е жал за Јаник! Никој не сака да победи затоа што противникот се повлекува, особено во финале како ова. Се надевам дека набрзо ќе се опоравиш. Многу сум среќен за мојата недела во Синсинати и се чувствувам подготвен за УС Опен!”
I’m so sorry for Jannik! Nobody likes to win because their opponent retires, especially in a final like this. Wishing you a speedy recovery! ❤️ Very happy with my week in Cincinnati and feeling ready for the US Open! 💪🏻🏆
📸 @CincyTennis pic.twitter.com/wEHPT1PBOH
— Carlos Alcaraz (@carlosalcaraz) August 18, 2025
Двајцата ривали кои се и одлични пријатели надвор од терените, претходно ни имаат приредено вистински тениски спектакли на финалињата на големите турнири, а се надеваме дека ќе имаме можност за брзо да ги гледаме повторно во Њујорк.



