Шпанскиот тениски ас Карлос Алкараз нема да го продолжи настапот на АТП турнирот во Барселона. Иако вчера славеше во воведното коло против Ото Виртанен, денешните дополнителни медицински тестови потврдија дека повредата на десниот зглоб е посериозна отколку што првично се мислеше.
Со ова повлекување, Алкараз ја загуби и шансата експресно да се врати на врвот на АТП листата, што значи дека Јаник Синер ќе остане светски број еден и по следната недела.
„Повредата е посериозна отколку што очекувавме“
Алкараз, кој беше шампион во Барселона во 2022 и 2023 година, се појави на прес-конференција со видливо разочарување, објаснувајќи ја тешката одлука.
„За жал, повредата е посериозна отколку што сите очекувавме. Морам да го слушам своето тело за да избегнам долгорочни последици. Морам да одам дома и да се фокусирам на целосно закрепнување со мојот медицински тим“, изјави 22-годишниот Шпанец.
Пропуштена шанса за врвот
Алкараз го загуби првото место на АТП листата токму минатата недела, откако беше поразен од Синер во финалето на Мастерсот во Монте Карло. Турнирот во Барселона требаше да биде негова отскочна штица за камбек на тронот, но повредата го спречи дуелот со Томаш Махач во осминафиналето, кој сега без борба патува меѓу осумте најдобри.
Трка со времето за Мадрид и Рим
Следните предизвици за Шпанецот се Мастерс турнирите во Мадрид и Рим, каде тој треба да ја подготвува формата пред одбраната на титулата на „Ролан Гарос“. Мастерсот во Мадрид започнува веќе на 22 април, што му остава многу малку време на Алкараз да го санира болниот зглоб и да се врати на терените.



