Алонсо: „Јас не сум истиот Чаби кој дојде во јуни. Научив да се прилагодувам. Ова е еволуција“

Објавено:

Чаби Алонсо пристигна во Мадрид како радикален тактичар со свежи идеи, но осум месеци подоцна, Баскиецот покажа дека знае да биде и прагматичар по примерот на Жозе Мурињо. Иако Реал Мадрид загуби во финалето на Суперкупот од Барселона (3-2), начинот на кој Алонсо го подготви тимот му купи доверба кај претседателот Флорентино Перез.

Прагматизам наместо идеализам

Во неделата во Џеда, Алонсо го напушти својот омилен систем 4-3-3 и се одлучи за флексибилна формација со петмина во одбраната. Тоа беше јасен знак дека Чаби прифатил дека во овој момент неговиот десеткуван тим не може да доминира во посед против „машината“ на Ханси Флик.

Многумина го споредија овој пристап со деновите на Мурињо, кога Реал се бранеше длабоко за да го сопре „тики-така“ фудбалот на Гвардиола. Иако Барса победи благодарение на малку среќа при голот на Рафиња, Реал беше во игра до последната секунда.

Проблеми со „Галактикос“ засилувањата

Реал потроши над 120 милиони евра на Алваро Карерас, Дин Хаусен и Трент Александер-Арнолд, но само Карерас засега ги оправдува очекувањата. Поради повредите на Милитао, Рудигер и Карвахал, Алонсо беше принуден да крпи дупки во одбраната, што директно влијаеше на головите на Левандовски и Рафиња.

Исто така, заминувањето на Крос и Модриќ остави празнина во средниот ред која Алонсо сè уште не може да ја пополни за да ја воспостави контролата која ја имаше со Леверкузен.

Чаби „научи“ како се управува со ѕвезди

Најголемата победа на Алонсо не е на теренот, туку во соблекувалната. По бурната есен кога изгледаше дека ѕвездите како Винисиус не се среќни со неговите прекумерни тактички видео-анализи, Алонсо ги „олабави“ правилата. Тој ја прилагоди својата методологија на големите ега во Мадрид.

Винисиус Јуниор ја прекина серијата од 16 меча без гол, а по натпреварот и тој и Куртоа јавно застанаа зад својот тренер.

„Јас не сум истиот Чаби кој дојде во јуни. Научив да се прилагодувам. Ова е еволуција“, изјави Алонсо по финалето.

Иако Флорентино Перез ретко простува порази од Барселона, извори блиски до клубот велат дека работата на Алонсо е сигурна. Неговиот прагматизам му даде шанса на Реал да се бори за Ла Лига и Лигата на шампионите, а токму тие трофеи ќе му бидат потребни за да го задржи столчето и следната сезона.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено