По отсуството на првиот тренинг и малата загриженост за повреда, Фернандо Алонсо се врати зад воланот и покажa дека не отстапува лесно. Ветеранот на Формула 1 заврши петти во втората слободна сесија на Гран При викендот во Унгарија, додека неговиот тимски колега Ланс Строл заврши на четвртото место, знак дека Астон Мартин се враќа на конкурентско ниво викендов.
Сепак, причината поради која Алонсо не возеше на првата тренинг сесија беше болка во долниот дел на грбот, поточно мала мускулна повреда во лумбалната регија. Наместо него, зад воланот на болидот седна резервниот возач Фелипе Друговиќ, додека двојниот светски шампион доби дополнително време за одмор и терапија.
“Истиот проблем како вчера. Ќе биде така цел викенд”, изјави Алонсо по втората тренинг сесија. “Направивме магнетна резонанца минатата недела и се покажа мала мускулна повреда. Ако си обичен човек, ќе седиш дома две недели. Но, ова е Формула 1”.

И покрај болката, Алонсо беше јасен – кога еднаш влезе во болидот, нема болка што ќе го сопре: “На вториот тренинг немав болка и тоа е најважно. Пронајдовме решенија со подлошки и подесувања на седиштето, и тоа ни помогна многу”.
Иако пропушти една сесија, Шпанецот беше задоволен од настапот во втората сесија. Сепак, додаде дека има простор за подобрување во балансирањето на болидот: “Имаме благо подуправување во средина на свиоците, посебно на ниска брзина. Болидот сè уште не е во идеалниот прозорец, но тоа е нормално за петочните сесии”.
По нешто послаби настапи на претходните трки, Астон Мартин конечно делува стабилно, а Хунгароринг е патека што може да одговара на нивниот болид со фокус на прецизност и стабилност во свиоци.
Алонсо сега има два дена да го издржи темпото и болката, а потоа следува летната пауза што е идеално време за закрепнување. Но, ако вториот тренинг ни кажа нешто, тоа е дека борбениот дух на Фернандо останува недопрен.



