Аргентина на ова Светско првенство можеби не го игра својот најдобар фудбал, но дефинитивно го игра највозбудливот! За разлика од цврстите и прагматични натпревари каде што победуваа Франција и Шпанија, „гаучосите“ во оваа нокаут-фаза ни ја носат најголемата можна неизвесност на теренот. Во јубилејниот 100-ти натпревар на турнирот, избраниците на Лионел Скалони преживеаја уште еден трилер со продолженија во пеколниот Канзас Сити, совладувајќи ја храбрата Швајцарија со 3-1 за пласман во мундијалското полуфинале.
Рекорд на Меси и шокантен швајцарски израмнувачки погодок
Натпреварот започна идеално за избраниците на Лионел Скалони. Уште во 10-тата минута, Лионел Меси испрати перфектен центаршут од агол, а Алекс Мак Алистер со глава ја смести топката во мрежата на Грегор Кобел. Со ова, 39-годишниот Меси испиша нова страница во фудбалската историја, станувајќи првиот играч со 10 асистенции на светските првенства и што е најневеројатно, сите 10 биле за 10 различни соиграчи!
Но, наместо рутински да ја преземат целосната контрола, Аргентинците застанаа. Швајцарија полека и трпеливо ја градеше својата игра и апсолутно заслужено израмни во 67-та минута. Крилниот напаѓач на Нотингем Форест, Дан Ндоје, одигра маестрално двојно додавање со Рикардо Родригез и ја протна топката низ нозете на Емилијано Мартинез за 1-1.
Бизарниот ВАР пресврт и црвениот картон за Емболо
Клучниот момент кој целосно го промени текот на мечот се случи во 72-рата минута. Навидум, Леандро Паредес остро го фаулираше Брил Емболо во близина на аут-линијата, за што судијата Жоао Пињеиро веднаш му покажа жолт картон на Аргентинецот. Но, тогаш на сцена стапи ВАР собата, активирајќи го новото мундијалско правило за „погрешен идентитет“.
По прегледувањето на снимката, стана кристално јасно дека немало никаков контакт меѓу играчите и дека Емболо театрално симулирал. Судијата го поништи картонот на Паредес и наместо тоа, му покажа жолт картон на швајцарскиот напаѓач за глумење. Бидејќи Емболо веќе имаше заработено јавна опомена во првото полувреме (иронично, поради фаул токму над Паредес), тој во солзи беше исклучен од игра, оставајќи ја Швајцарија со 10 фудбалери.
Ремек-дело на Алварез за нов класик со „Трите лава“
И покрај играчот повеќе, Аргентина неверојатно се мачеше да го скрши херојскиот отпор на швајцарскиот дефанзивен бедем, предводен од фантастичниот голман Кобел и капитенот Гранит Џака. Сè до 112-тата минута од продолженијата, кога на сцената стапи Хулијан Алварез. Напаѓачот на Атлетико Мадрид прими топка на работ од шеснаесетникот и со нестварен, фелширан удар од 25 метри ја заби во самиот горен агол за водство од 2-1, погодок кој дефинитивно е еден од најубавите на овој Мундијал.
Во последните секунди од мечот (120+1′), исцрпените Швајцарци тргнаа на сè или ништо, што остави огромен простор за контранапад кој Лаутаро Мартинез рутински го претвори во конечни 3-1.
Со оваа победа, Аргентина го сруши историскиот рекорд на Уругвај (од периодот 1930-1954), поставувајќи нов рекорд со постигнати повеќе од еден гол на 11 последователни мундијалски натпревари.
Светскиот првак продолжува кон одбрана на трофејот, а в среда во Атланта нè очекува вистински фудбалски земјотрес: класична пресметка против вечниот ривал Англија.



