Рубен Аморим испрати јасна порака – Манчестер Јунајтед нема да ги пушти своите играчи по ниска цена, дури и ако тоа значи дека ќе треба повторно да ги врати во тимот.
Четворица играчи, Алехандро Гарначо, Џејдон Санчо, Антони и Тајрел Маласија, се изоставени од американската турнеја и моментално тренираат одделно во Карингтон, додека клубот работи на нивните трансфери. Но, Аморим предупреди дека секој клуб што мисли дека Јунајтед ќе попушти под притисокот на крајот од преодниот рок, ќе се изненади.
“Знам дека клубот има јасна проценка за секој од овие играчи. Ако другите клубови не ја постигнат таа сума, тие ќе останат играчи на Манчестер Јунајтед, без дилема”, рече Аморим. “Разбирам дека сите чекаат последни моменти за да добијат подобра цена, но можеби ќе се изненадат од Омар Берада и Џејсон Вилкокс”.
Иако Гарначо одигра дури 58 натпревари минатата сезона, по последниот меч му било соопштено дека треба да најде нов клуб. Челси е заинтересиран, но тие решиле да почекаат да надевајќи се дека цената на младиот Аргентинец ќе падне. Притоа, тој сака да игра на Светското првенство следната година, што дополнително влијае врз неговата одлука.

“Сите играчи што ги чекаат трансфери знаат дека, ако останат, ќе мора да се борат за место. Ако сакате да играте на Мундијалот – мора да играте! Од моја страна, тоа е совршено. Повеќе конкуренција во тимот никогаш не е лоша работа”, додаде Аморим со насмевка.
Кога станува збор за Коби Мејну, и покрај засилената конкуренција во средниот ред со доаѓањето на Матеус Куња и Брајан Мбеумо, тренерот верува во неговиот потенцијал.
“Голем талент е, но треба да го зголеми ритамот на игра. Најдобро се снаоѓа кога е поблиску до топката, во срцето на играта. Мејну може многу повеќе, затоа имам големи планови за него”, рече тој.
Што се однесува до напаѓачката линија, Јунајтед го следи пазарот, но Аморим откри дека е задоволен од Хојлунд и Зиркѕее, и верува дека веќе има квалитет за да ја почне сезоната.
“Ако мораме да почнеме со сегашниот состав – супер. Сите што се тука сакаат да бидат тука. А тоа за мене е најважно. Со Куња и Мбеумо, ние сме подобри”.




