Тренерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, објасни зошто токму сега одлучи да го напушти својот заштитен знак, формацијата 3-4-3, и да се префрли на класичен систем со четворица дефанзивци. Иако овој потег донесе победа и само втора „чиста мрежа“ сезонава, Аморим нагласува дека промената не е резултат на надворешен притисок.
„Јас не им робувам на новинарите“
Аморим беше дециден дека моментот за промена е избран стратешки. Според него, ако го направел тоа додека тимот бил во резултатска криза, ќе изгледало како да им се предава на критичарите.
„Кога вие [медиумите] постојано зборувате за промена на системот, јас не можам да го направам тоа, бидејќи играчите ќе помислат дека ја менувам тактиката поради вас. Тоа би бил крајот за еден тренер. Сега е вистинскиот момент бидејќи тимот почна да гради идентитет и играчите разбираат зошто се адаптираме“, изјави Аморим.
Проблеми со составот и „лидерот“ Фернандеш
Јунајтед се соочува со огромен број повреди пред мечот со Вулверхемптон. Дури седум првотимци се во аут, а под знак прашалник е и Мејсон Маунт. Капитенот Бруно Фернандеш, кој се опоравува од повреда на задната ложа, притиска да се врати, но Аморим е категоричен:
„Бруно веќе вели дека мора да тренира, но нема никакви шанси да игра против Волвс. Никакви! Тој е роден лидер, постојано зборува и ги бодри соиграчите дури и кога е повреден. Не знам дали ја сака мојата работа, но дефинитивно е лидер на овој тим“, додаде Португалцеот низ насмевка.
Иако Јунајтед моментално е со „десеткуван“ состав, Аморим најави дека неговиот тим ќе стане уште посилен и поквалитетен во текот на јануари, кога се очекува враќање на повредените Мајно, Де Лихт и Мекгваер, како и враќањето на играчите од Африканскиот куп на нации.



