Додека резултатите на теренот се далеку од идеални, на „Олд Трафорд“ започна вистинска војна на релации менаџер–управа. По ремито со Лидс (1-1), Рубен Аморим упати директен предизвик до хиерархијата на Манчестер Јунајтед, барајќи да му се дозволи да си ја врши работата без никакво мешање од страна.
Во една од најексплозивните прес-конференции во последно време, португалскиот стратег јасно стави до знаење дека не планира да биде само фигура која ги тренира играчите, туку човек кој ги носи клучните одлуки во клубот.
„Останувам уште 18 месеци, а потоа секој по свој пат“
Аморим неколку пати повтори дека е подготвен да го одработи својот договор до крај, но дека нема да толерира упад во неговите надлежности од страна на спортскиот директор и скаутинг службата.
„Дојдов тука за да бидам менаџер, а не тренер. Секој оддел од скаутингот до спортскиот директор треба да си ја работи својата работа. Јас ќе ја работам мојата уште 18 месеци и потоа одиме понатаму. Тоа беше договорот. Не сум тука само да бидам тренер на теренот“, порача децидно Аморим.
Тој додаде дека клубот станал премногу чувствителен на критиките од поранешните играчи како Гари Невил и Пол Сколс, кои неодамна го нападнаа неговиот систем со тројца дефанзивци.

Директен судир со Вивел и Вилкокс
Тензиите во позадина веќе не можат да се сокријат. Извештаите велат дека шефот на регрутација, Кристофер Вивел, побарал од Аморим да го смени својот систем на игра, додека несогласувањата со директорот Џејсон Вилкокс околу трансфер-целите стануваат сè почести.
„Знам дека моето име не е Тухел, Конте или Мурињо, но јас сум менаџер на Манчестер Јунајтед. Нема да дадам оставка. Ќе си ја работам работата додека не дојде друг да ме замени“, изјави Аморим, алудирајќи на тоа дека управата му врши притисок кој не би се осмелиле да го направат кај некои од наведените елитни имиња.
Поддршка за „загубениот“ Шешко
И покрај личната војна со управата, Аморим застана во одбрана на Бенјамин Шешко. Словенецот, платен 74 милиони фунти, промаши зицер на „Еланд Роуд“ и сега е веќе девет меча без гол. Навивачите веќе јавно се прашуваат дали беше правилно да се испрати Расмус Хојлунд на позајмица во Наполи (каде игра одлично) за да се донесе Шешко.
Аморим смета дека на Шешко му треба само еден гол за да го тргне притисокот од грб, но јасно е дека трпението на сите околу „Олд Трафорд“ е при крај.



