12.8 C
Skopje

Анализа: Дали ова е пресудната сезона за Леклер?

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Во жарот на целиот хајп и медиумска опседнатост со првата сезона на Луис Хамилтон во црвената боја на Ферари, некако малку како да се подзаборави на миленикот на тифосите – Шарл Леклер.

Дали младиот, но сепак искусен возач од Монако, на кого ова ќе му биде осма последователна година во Формула 1 и покрај фактот што има само 27 години, ќе успее да го искористи овој момент за да ја докаже својата вредност или ќе падне во втор план покрај седумкратниот шампион?

Извор: www.ferrari.com

Кога Ферари реши да го донесе Хамилтон на местото на Сајнц, светот на Формула 1 беше изненаден, а оваа вест предизвика вистински потреси меѓу фановите, а и меѓу самите возачи.

Според нас, овој потег на Ферари можеби беше повеќе воден од желбата за “светкавиот” статус на Хамилтон и неговите 7 титули, па малку како да подзаборавија дека во изминатите години уште од нивните предизвици и неуспешни сезони, полека и внимателно го градеа тимот и динамиката меѓу Леклер и Сајнц.

А, ако Леклер мислеше дека е тешко на моменти да соработува со Сајнц и можевме да го видиме како нервозно завршува дел од трките изминатата сезона, допрва ќе го види својот нов тимски колега кому желбата за успех му ја диктираше кариерата во годините кога доминираше во спортот, па често покажуваше нефер практики кон своите тимски возачи, како Валтери Ботас, ставајќи се исклучиво себе си секогаш во преден план. Иако е несомнен успехот на Хамилтон во овој спорт, сепак неговиот стил на возење не е за сите, а често знае да ги прикрие неговите “тактики за победа” со жалење кон судиите за ривалите, со притисок врз јавноста и прикажување на себе си како жртва пред медиумите каде е омилен.

Извор: www.ferrari.com

Наспроти него, со сегашниот шампион, возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, точно знаете што добивате, па често не ги крие или маскира своите мисли, со што стана вистински немезис на Хамилтон и британските медиуми.

Токму дуелите меѓу Верстапен и Леклер во изминатите сезони беа едни од најубавите моменти за гледање, а нивниот стил на возење ги врати гледачите на трибините и покрај екраните.

И баш во моментот кога се мислеше дека кариерата на Хамилтон полека е во опаѓање, тој реши да направи целосен пресврт и да дојде во тимот на Ферари, кој конечно после многу години покажа изминатата сезона дека има конкурентен болид и вистински талентирани возачи. Дали ова ќе му ја даде предноста што му е потребна за освојување на рекордната осма титула, останува да видиме.

Во меѓувреме, Шарл Леклер има доста да докаже оваа сезона. Еден од најистакнатите италијански спортски новинари, Пино Алиеви, чие време во Ла Газета датира уште од времето на Енцо Ферари, смета дека оваа сезона репутацијата на Леклер е ставена на тест.

“Фактот дека некои велат дека доаѓањето на Хамилтон е добро за Леклер, затоа што ќе му помогне да порасне, е нешто што најверојатно не му се допадна на Шарл. И додека Хамилтон веќе има освоено многу во својата кариера, Леклер мора да го победи својот тимски колега за да ја одбрани својата позиција во тимот и во Формула 1”, пишува тој.

Иако на сите веќе им е јасно дека Леклер е одличен шофер, со доаѓањето на Хамилтон во тимот, тој ќе мора да докаже дека е подготвен да стане шампион или да ги потврди сомнежите на критичарите дека не е подготвен да ја помине таа линија и да ризикува да остане засекогаш втор.

Италијанскиот новинар додава и дека иако врската на Леклер со менаџерот Фредерик Васер е добро позната, исто така треба да се земе во предвид дека релацијата на Васер со Хамилтон датира уште од времето на неговите јуниорски години во Формула.

“Леклер беше нарекуван ‘il predestinato’ – односно предодреден да биде шампион, но многумина во Ферари веќе го нарекуваат Хамилтон ‘месаја’, што ми покажува дека голем дел од тимот веќе ја зазел нивната страна. А, тоа го става Леклер во незавидна позиција”, пишува тој.

Останува прашањето дали Ферари направи добра одлука со прекинувањето на динамиката на возачот во кого вложуваа години да го изградат. Самодовербата е многу важна во овој спорт, а фаворизирањето на Хамилтон уште пред почетокот на сезоната може да влијае и тоа како на Леклер. Но, Хамилтон или не, на Леклер останува да докаже оваа сезона дека го има шампионскиот менталитет потребен за освојување на толку посакуваната титула и запишување на неговото име во историјата. Можеби неговото дружење со Сајнц и надвор од работата и генерално добриот дух кој владееше во тимот придонесоа за издигнувањето на Леклер во најдобрите три возачи, но сега е моментот да се бори за своето место меѓу легендите во и надвор од тимот.

Неговата посветеност на Ферари е добро позната, а токму поради таа врска што ја има е миленик и на тифосите (барем на оние кои беа навивачи на Ферари и пред пристигнувањето на навивачите на Хамилтон во славната фан база на тифоси), па останува само со многу физичка и ментална работа на себе да им ја донесе долго посакуваната радост и шампионска титула.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено