(Анализа) Денес сме сите Лихтенштајн! Зошто е важно Велс да не „пукне шестарка“ во Вадуц?

 

Објавено:

Денес е сабота, Македонија одмара, но дигитроните во нашата репрезентација и меѓу навивачите работат „со полна пареа“. Пред нас се два натпревари од нашата Група Ј кои директно или индиректно ќе ја кројат нашата судбина пред „Денот Д“ во Кардиф.

Очите се вперени кон Астана (15:00) и Вадуц (18:00). Еве што ни одговара и зошто денес, макар на 90 минути, сите ќе навиваме за малото кнежевство.

Утопијата во Астана: Дали веруваме во чуда?

Првиот меч е Казахстан – Белгија (15:00 часот, Арена Спорт Премиум 1).

Математиката тука е луда, но постои: Доколку Белгија (која е апсолутен лидер) денес загуби, а во вторник дома изигра нерешено со аутсајдерот Лихтенштајн… Македонија со победа во Велс би можела да биде ПРВА и да оди директно на Светско!

Да, знаеме. И ние во Спортска Станица сме свесни дека ова е во доменот на научната фантастика. Белгијците најавија дека нема опуштање.

„Сите очекуваат лесно да победиме, но немаме изговори. Сакаме да ја завршиме работата уште денес“, изјави Јури Тилеманс.

Затоа, да бидеме реални и фокусот да го ставиме на она што е навистина опасно за нас.

Битката во Вадуц: Зошто се плашиме од гол-разликата?

Главниот настан за нас е во 18:00 часот: Лихтенштајн – Велс (Арена Спорт 2).

Тука не се надеваме на кикс на Велс (иако би било прекрасно), туку се молиме за ДОСТОИНСТВЕН ОТПОР на домаќинот.

Која е опасноста? Ако Велс победи со огромна разлика (на пример 0-6 или 0-7), тие драстично ќе си ја поправат гол-разликата. Тоа значи дека на дуелот во вторник во Кардиф, на Велс би му одговарало и НЕРЕШЕНО за да не прескокне на табелата и да го земе второто место (поради подобра гол-разлика).

Во моментов, ние сме во пол-позиција. Но, Лихтенштајн е репрезентација составена од студенти и канцелариски работници и по некој професионален фудбалер која примила 23 гола на 6 меча и нема постигнато ниту еден.

Белами суспендиран, но мотивиран

Селекторот на Велс, Крег Белами, е суспендиран и ќе го гледа мечот од трибини, но неговата порака е јасна:

„Ако завршиме втори, можеме да избегнеме некои од најсилните тимови во баражот. Тоа е нашата мотивација“.

Ние веруваме во инаетот на домаќинот. Веруваме дека Лихтенштајн нема да сака да биде вреќа за удирање пред своите 3.000 навивачи на стадионот покрај Рајна.

Секој одбранет напад на Лихтенштајн денес е чекор поблиску до нашата цел во Кардиф. Затоа, денес сите викаме: НАПРЕД ЛИХТЕНШТАЈН! 🇱🇮🛡️


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено