(Анализа на полувреме) Миовски ни даде надеж, но одбраната „плива“: Време е за ризик, два гола не се недостижни!

Објавено:

Првите 45 минути на „Кардиф Сити“ стадионот донесоа студен туш, но не и крај на надежите. Велс води со 3-1 на полувреме, но ако нешто научивме за оваа македонска репрезентација, тоа е дека никогаш не треба да се отпишува пред последниот свиреж.

Што тргна наопаку? (Дијагноза на Спортска Станица)

Нашиот став е јасен, тактиката со формација 5-4-1 се покажа како премногу дефанзивна и пасивна. Велс не е светска велесила за да им се повлечеме толку длабоко и да им ја отстапиме средината, нешто што домаќините умешно го искористија.

Затоа, потребни се итни „претумбации“ на полувремето:

  • Промаја по лево: Стефан Ашковски, и покрај трудот, не е природен бек и тоа се чувствува. Повредата на Алиоски остави дупка која Велшаните ја напаѓаат безмилосно. Ашковски мора да биде заменет веднаш.
  • Средината е „мека“: Тихомир Костадинов доби ран жолт картон (11. минута) и оттогаш игра премногу претпазливо и меко во дуелите. Ризикот од црвен картон е преголем, тој мора да остане во соблекувалната.
  • Факторот Велковски: Како што знаеме, Дарко Велковски ретко е во можност да одигра цел натпревар на високо темпо. Неговото напуштање на теренот е неизбежно порано или подоцна, па можеби е подобро промените да се направат во пакет уште сега.
  • Одбраната: Во срцето на одбраната, отсуството на „командантот“ Висар Муслиу е болно очигледно.

Головите: Велс поведе преку пеналот на Хари Вилсон во 18. минута. Само три минути подоцна, Дејвид Брукс зголеми на 2-0. Велс – Дејвид Брукс 21′, https://streamin.me/v/3adc1087.

Но, нашиот одговор беше експресен! Бојан Миовски во 23. минута намали на 2-1, враќајќи ја надежта со одличен гол. Македонија – Бојан Миовски 23′, https://streamin.me/v/471bb80f.

За жал, Бренан Џонсон со прекрасен удар од далечина во 37. минута ја врати предноста од два гола за Велс. Велс – Бренан Џонсон 37′, https://streamin.me/v/3bb2b5df.

Време е за „сè или ништо“!

Резултатот е 3-1, но играта не е завршена. Очекуваме целосни промени од Благоја Милевски на полувреме. Мораме да ја смениме формацијата, да се отвориме и да нападнеме уште од 46-тата минута. Оваа генерација има офанзивен потенцијал што мора да го покаже. Како што најавија, треба да уживаат во фудбалот!

Нам ни треба само нерешено за второто место. Два гола во фудбалот се достижна предност, особено кога противникот ќе почне да калкулира.

Топката е тркалезна. Веруваме во момците! 🇲🇰💪


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено