Анализа на Горан Талевски
Македонската ракометна репрезентација ја запиша и втората победа на „Жолтиот куп” во Швајцарија, совладувајќи ја Украина со 31-26. Иако по првите 30 минути ситуацијата изгледаше загрижувачки, избраниците на Кирил Лазаров покажаа две сосем различни лица и со фуриозна игра во продолжението стигнаа до заслужен триумф.
Прво полувреме за заборав: Премногу грешки, малку реализација
Натпреварот започна со брзи пробиви на Митев, но без конкретна завршница. Веќе по десет минути игра, нашиот национален тим се соочи со сериозна криза – беа постигнати само три гола, а техничките грешки се нижеа една по друга. Мартин Томовски на голот не успеа да го најде својот ритам, завршувајќи го првиот дел со само две одбрани.
Во 14-та минута, нервозата кулминираше кога Стојковиќ промаши чист зицер од пивот, а поради протест кон судиите заработи исклучување. Украина го искористи падот во нашата игра и во 16-та минута поведе со 9-5. Иако со одбраната „5-1″ успеавме накратко да израмниме, дезориентираноста во нападот и дури 11-те технички грешки придонесоа Украина да замине на пауза со убедливи 17-13.

„Факторот” Галевски и моќната одбрана за пресврт
Во второто полувреме на теренот излезе една сосема нова Македонија. Клучната фигура на овој пресврт беше младиот голман Иван Галевски. Со својот влез, тој веднаш ја „заклучи” мрежата, а само во првите осум минути од вториот дел нанижа 5 одбрани, а мечот го заврши со вкупно 6 клучни интервенции кои целосно го скршија моралот на противникот.
Агресивноста во одбраната им овозможи на нашите ракометари да постигнуваат лесни голови од транзиција, а нападот конечно стана течен и организиран.
Кузмановски повторно лидер, поддршка од целиот тим
Капитенот Филип Кузмановски уште еднаш потврди дека е лидер на оваа генерација, завршувајќи го натпреварот како најефикасен со 7 постигнати голови. Важна ролја во клучните моменти одигра и Игор Ѓоргиев со 4 погодоци, додека Џонов, Пешевски и Серафимов додадоа по 3. Листата на стрелци ја надополнија Велковски, Аларов и Петар Анастасијевиќ со по 2 гола, додека Ненад и Никола Костески, Самуил Ристевски и Павле Анастасијевиќ постигнаа по еден погодок.
Од очај до брилијантност
Овој натпревар беше вистински тест за карактерот на македонските репрезентативци. Додека во првото полувреме ги броевме техничките грешки и промашувањата, во второто уживавме во одбраните на Галевски и одличните асистенции и голови. Оваа „нова” Македонија, која во 52-та минута направи серија од 4-0 за водство од 26-22 и до крајот само ја зголемуваше предноста, е тимот што ветува многу пред стартот на Европското првенство.
Следниот и последен тест за нашите ракометари пред почетокот на Европското првенство на овој турнир е утрешниот дуел против домаќинот Швајцарија во 18:00 часот.



