По неуспешните епизоди со Рубен Аморим и краткотрајниот обид на Дарен Флечер, Манчестер Јунајтед се врти кон уште една своја легенда. Мајкл Карик, човекот кој освои 18 трофеи под палката на Сер Алекс Фергусон, се враќа дома за да ја „спаси“ сезоната. Но, овојпат прашањето не е само дали тој го „познава клубот“, туку каква фудбалска филозофија носи со себе од Мидлсбро.
Крај за тројката во одбрана и враќање на 4-2-3-1
Првата и најочигледна промена што ја очекуваме е тактичката флексибилност. Додека Аморим беше „заложник“ на својата формација со тројца дефанзивци (што му донесе мизерни 31.9% победи), Карик е верен на класиката. Во Мидлсбро, дури на 112 од 124 натпревари тој стартуваше со формација 4-2-3-1.
Ова значи дека Јунајтед повторно ќе игра со бекови кои имаат офанзивни задачи и јасна структура во средниот ред. Сепак, анализите од неговото време во Чемпионшип покажуваат и една слабост – Карик ретко ја менува формацијата во текот на мечот, што беше честа критика од навивачите на „Боро“.
Формации кои ги користел Карик во Мидлсбро
| Формација | Натпревари |
| 4-2-3-1 | 112 |
| 4-4-2 | 6 |
| 3-4-1-2 | 3 |
| 3-5-2 | 1 |
| 4-4-1-1 | 1 |
| 5-4-1 | 1 |
Напаѓачки фудбал за очи, но со јасна цел
Бројките на Карик како менаџер се импресивни кога станува збор за креативност. Неговиот Мидлсбро беше на врвот по:
- Постигнати голови и упатени удари;
- Посед на топка (просек 55.2%);
- Допири во противничкиот шеснаесетник.
Карик сака неговиот тим да доминира и да го „меле“ противникот преку посед, но исто така не се плаши од брзи контри, нешто што беше заштитен знак на Јунајтед во неговите играчки денови.


Може ли Карик да го повтори „шокот“ од 2022?
Најголемата надеж за навивачите на Јунајтед лежи во неговата дебитантска сезона во Мидлсбро. Кога го презеде тимот во октомври 2022, тие беа на 21-во место, а за само четири месеци ги искачи до третата позиција со 13 победи во првите 17 меча.
Јунајтед моментално е само на три бода од четвртото место, што значи дека на Карик не му е потребен целосен ремонт, туку „нов менаџерски импулс“ и враќање на самодовербата во соблекувалната.
Предизвици: Исклучивост и губење на моментумот
Сепак, мора да се биде внимателен. Иако стартуваше фуриозно, Карик подоцна имаше проблеми кога противниците ќе го „прочитаа“ неговиот стил на игра. Неговата посветеност на посед понекогаш се претвораше во стерилно кружење околу противничкиот бункер. Во Јунајтед, каде притисокот е десеткратно поголем, тој ќе мора да научи побрзо да се прилагодува.



