Шампионот е на колена, а Енфилд замолкна. Ливерпул го претрпе својот најтежок домашен пораз во ерата на Премиер лигата (0-3), а Шон Дајч му одржа вистинска тактичка лекција на Арне Слот.
Ова беше шести пораз во последните седум натпревари за бранителот на титулата, кој сега тоне на 11-то место. Но, каде точно се распадна играта на „црвените“ и како Нотингем Форест ги експлоатираше нивните слабости? Анализата покажува три клучни тактички пропусти.
Хаос при прекините: Кој кого чува?
Ливерпул сезонава има примено девет гола од прекини (исто колку цела мината сезона!), а Форест го знаеше тоа. Првиот гол беше производ на лоша комуникација. Во шеснаесеттникот, Ливерпул имаше шест играчи околу Алисон, додека Форест паметно постави само двајца.
Вистинската битка се водеше во средината на шеснаесеттникот (ситуација 4 на 4). Салах му гестикулираше на Мек Алистер да го преземе Муриљо, но Аргентинецот веќе имаше свој човек. Собослаи, пак, наместо да го следи Гибс-Вајт на првата статива, во последен момент се обиде да го покрие слободниот Муриљо. Резултатот? Гибс-Вајт за малку не погоди, но збрката овозможи Муриљо да остане сам во празниот простор и да погоди.


Салах не игра одбрана, а тоа чини скапо
Вториот гол беше класичен пример како се „растегнува“ одбрана која игра човек-на-човек. Форест направи бројчена рамнотежа по левата страна. Клучниот момент беше движењето на Неко Вилијамс од аут-линијата кон средината.
Тој беше човекот на Салах, но Египќанецот не го испрати неговото трчање. Ова го принуди Мек Алистер да ја напушти својата централна позиција за да покрие, што остави огромна дупка пред одбранбената линија. Форест наполни играчи во шеснаесеттникот, ја повлече одбраната на Ливерпул длабоко, а Николо Савона влета во празниот простор на работ на шеснаесетникот и реализираше.


Недостаток на интензитет и „бришан простор“ во средината
Третиот гол беше копија на проблемите што Ливерпул ги имаше против Манчестер Јунајтед. Брза промена на страната го најде Омари Хачинсон изолиран еден на еден против Енди Робертсон. Хачинсон лесно го помина бекот и шутираше.
Но, проблемот е повторно во позиционирањето на средниот ред. Мек Алистер, чувствувајќи опасност, истрча да го блокира шутот, но со тоа повторно ја остави централната зона пред одбраната целосно празна. Токму во тој простор влета Гибс-Вајт за да ја закова одбиената топка.


Заедничкиот именител за сите три гола? Салах кој ги губи своите играчи и отворање на простор пред одбраната која паѓа премногу длабоко без заштита. Минатата сезона головите на Салах го покриваа неговиот недостаток на дефанзива, но сега, кога нападот не функционира, овој дисбаланс е фатален за тимот на Слот.



